Саудиска Арабија во 2018 година се препираше со Катар поради неговата надворешна политика и односите со Иран. Саудијците наметнаа блокада како и санкции врз малата држава. Една од мерките претставуваше и толерирањето на емитувач кој крадеше видео-сигнал од водечката спортска телевизија на Катар, „БеИН спортс“, како и од американските и европските телевизиски преноси, пишува „Кварц“.

Пиратската станица „БеутКу“ ги презема преносите на Светското првенство во 2018 година и тениските мечеви од гранслем-турнирите, правејќи ги достапни на Интернет. А потоа ги засили активностите, редистрибуирајќи го сигналот на сателитската телевизија „Арабсат“ со седиште во Ријад. Наспроти правните напори од Светската фудбалска федерација (ФИФА) и на Меѓународната тениска асоцијација, како и на „БеИН“, саудиската влада не презема акција за да ја спречи кражбата на мултимилионските телевизиски права за спортските преноси.

Тоа ги остави Катарците да се обратат кон Светската трговска организација која неделава пресуди дека саудиската влада не преземала доволно за спречување на кражбата на интелектуалната сопственост на нејзина територија. Но, како и поголемиот дел од меѓународното право, на Земјата и во вселената, ефектот од одлуката останува нејасен, а Саудијците планираат да покренат жалба.

Поголема пречка за пиратската телевизиска станица веројатно ќе претставува желбата на саудиската влада за купување на Њукасл, фудбалскиот клуб што настапува во богатата англиска Премиер-лига, во зделката за која се известува оти ќе вреди 375 милиони долари. Премиер-лигата која зависи од глобалните телевизиски права и самата наметна прашања за „БеутКу“.

Одлуката го потенцира и ризикот со кој се соочуваат компаниите како што е „Локхид Мартин“ која неодамна потпиша договор за конструкција на систем за сателитски комуникации за потребите на Саудиска Арабија. Крадењето од сателитските оператори од страна на нејзин клиент би можело да претставува проблем, особено бидејќи мултунационалната компанија зависи од заштитата на нејзината интелектулна сопственост во странство.

Сателитските комуникации остануваат најсофистицираниот и најисплатливиот бизнис во орбитата, но како што покажуваат последните случувања, тие уште зависат од застарените меѓународни институции и од политиката на моќта. Тековната ситуација може да претставува предзнак за несреденоста која ќе уследи со зголемувањето на зависноста од технологијата во вселената.