Вилјареал вечерва ќе се обиде да го освои својот прв голем европски трофеј и да се пласира во Лигата на шампионите, а Манчестер јунајтед ќе игра за втор триумф во Лига Европа и седми во натпреварувањата на УЕФА

ФУДБАЛ – ЛИГА ЕВРОПА

Шпанскиот Вилјареал ќе игра за својот прв голем европски трофеј, а некогашниот европски првак, англискиот Манчестер јунајтед за вториот во Лига Европа (ЛЕ), вечерва (од 21 часот), во финалето на второто по ранг европско клупско фудбалско натпреварување, во Гдањск (Полска). Ова е јубилејно 50-то финале на натпреварувањето, порано со име Куп на Европската фудбалска унија (УЕФА), а 12-то откако се ребрендира во Лига Европа.
Вилјареал беше полуфиналист на Лигата на шампионите (ЛШ) во 2006 година и полуфиналист на ЛЕ во 2004, 2011 и во 2016 година, а победи во некогашниот Интертото-куп, во 2003 и во 2004 година. Манчестер јунајтед, пак, славеше во ЛЕ во 2017 година, а трофеи има и од ЛШ (1968, 1999 и 2008 година), во некогашниот Куп на победниците на куповите (1991-та) и во Суперкупот на УЕФА (1991).
– Ќе биде посебно. Мора да бидете горди што можете да водите тим на Манчестер јунајтед до финале. Тоа беше фантастично патување и, како што велиме на норвешки, целта е патувањето. Ова е само чекор на патот кон враќање на нашиот Манчестер јунајтед назад – вели за интернет-страницата на УЕФА менаџерот на англискиот вицешампион, Оле Гунар Солскјер, кој игра за својот прв трофеј како менаџер на Манчестер јунајтед.

Ако вечерва победи Вилјареал, седмопласираниот тим во првенството на Шпанија и непоразен сезонава во ЛЕ со 11 победи и две ремија, според податоците на УЕФА, ќе игра во групната фаза на ЛШ. Манчестер јунајтед веќе се пласира во ЛШ како второпласиран во Англија, па ако победи вечерва, во ЛШ ќе добие место третопласираниот тим од Франција, Монако, според правилата на УЕФА. Двата клуба досега четири пати играле меѓу себе во европските купови и сите мечеви завршиле со реми, пишува УЕФА на својата интернет-страница.
– Заслужуваме да го одиграме ова финале, ќе ја прикажеме најдобрата игра и ќе покажеме дека сакаме да се бориме против Манчестер јунајтед за овој трофеј – вели за УЕФА тренерот на Вилјареал, Унаи Емери, кој заедно со Џовани Трапатони најмногу пати триумфирал како тренер во ЛЕ, трипати, сите со Севилја.


Најтешкиот пехар на УЕФА

Трофејот за победникот на Лига Европа е тежок 15 килограми и е најтежок од сите пехари на Европската фудбалска унија (УЕФА). Најмногу пати тој трофеј го освои Севилја (Шпанија), шест пати, а по три триумфи имаат Интер, Јувентус (двата клуба од Италија), Ливерпул (Англија) и Атлетико Мадрид (Шпанија). Досега овој трофеј го освојувале 28 клуба, а уште 32 други екипи играле во финалето.