„Не кажувај ми што не е в ред. Кажи ми како би го поправил тоа“, се зборовите што постојано, од рана возраст, на Мартинез му ги кажувал неговиот татко, исто така поранешен играч, тренер и опседнат со фудбалот

РОБЕРТО МАРТИНЕЗ, СЕЛЕКТОР НА БЕЛГИЈА

Роберто Мартинез (47), селектор на Белгија, прворангираната светска репрезентација веќе три години, во интервју за интернет-страницата на Светската фудбалска федерација (ФИФА) зборува за менталитетот, за најважните моменти на Светското првенство (СП) и за тренерската иднина.
„Не кажувај ми што не е в ред. Кажи ми како би го поправил тоа“. Од оваа перспектива, Мартинез може да види дека неговиот живот и кариера се обликувани од овие зборови и од човекот што му ги кажувал, неговиот татко, исто така поранешен играч, тренер и опседнат со фудбалот. Дури и сега, како 47-годишен тренер/селектор и технички директор на Белгија, тој уште ги има истите разговори-испитувања со најстрогиот ментор.
Речиси пет години сте селектор на Белгија. Дали уште се чувствувате свежо и предизвикувачки?
– Се чувствувам релаксирано поради природата на меѓународниот фудбал. Работата на селектор е сосема поинаква од тренирањето клуб и колку подолго го правам тоа, толку повеќе откривам дека тоа е постојана авенија на можности во однос на „регрутирање“ на следната група играчи.
Неодамна во една пригода зборувавте за тоа како татко ви ве водел на натпревари уште на млада возраст, барајќи од вас да размислувате аналитички. Дали мислите дека тој е погорд на фактот што станавте тренер отколку кога станавте професионален играч?

– Веројатно е така. Татко ми играше до 43-годишна возраст, тој беше чудо на природата и, како играчи, игравме еден против друг. Како тренер, тој повеќе ме советува… и многу ме предизвикува! (се смее) Тој секогаш вели: „Зошто го правиш тоа така кога можеш да го сториш на овој начин?“ Но јас секогаш ќе му бидам благодарен затоа што тој ми го даде тој посебен начин на гледање на играта. Сите можеме да гледаме натпревар и да мислиме, на пример, тие безуспешно се обидуваат да го скршат отпорот на противникот. Но тој би рекол: „Не кажувај ми го тоа. Кажи ми што можат да направат за да го решат проблемот“. И тоа е клучно во тренерскиот занает, бидејќи во фудбалот ништо не е правилно или погрешно, сите сакаме да ја видиме топката во голот, а како го правите тоа се сведува на вашето искуство и на тоа како ја разбирате играта.
Како играч, со Шпанија никогаш не игравте на СП. Дали тоа беше дел од причината да станете селектор на Белгија?
– Мислам дека влијаеше. Кога ќе се свртите назад кога сте дете, откривајќи го фудбалот и играте на улица, првото нешто што ќе направите е да оживеете моменти од СП. Дефинитивно тоа е моето сеќавање. Кога играв на улица во 1978 година, се замислував дека сум Марио Кемпес. Играњето на СП ми беше голем сон. Затоа подоцна работев за еден американски ТВ-канал и поминав 60 дена на СП 2010 во Јужна Африка, гледајќи како се подготвуваат различни репрезентации и сѐ што се случуваше околу турнирот. И да, мислам дека дефинитивно тоа е голема причина зошто бев толку заинтересиран да го прифатам предизвикот со Белгија.

Бевте вклучен во два незаборавни натпревара на СП 2018, со Бразил и со Јапонија. Со која од тие две победи повеќе се гордеевте?
– Со двете. Невозможно е да ги разделам. Предизвикот за нас беше како ќе реагираме кога ќе се соочиме со неволји. И на тој натпревар против Јапонија, со 0-2 на дваесетина минути до крајот, го најдовме одговорот. Тогаш првпат на СП двете замени постигнаа гол, а првпат по 1966 година се случи некој тим по негатива од два гола да победи на натпреварот што траеше 90 минути. Мечот со Бразил беше задоволувачки на еден поинаков начин, бидејќи до 60-та минута тоа беше нашата најдобра игра на тактички план.


„Станувате златна генерација преку вашите достигнувања, а не поради перцепцијата“

Беше ли предизвик да ја натерате вашата репрезентација, колку и да е талентирана индивидуално, да почне да мисли за себе како на еднаква со Бразил, Германија и други репрезентации со поголемо трофејно педигре?
– Се разбира, но имаше и елементи на справување со тоа дека треба да им се каже дека тие се таа „златна генерација“ и оти треба да ги достигнат височините. Играчите ги знаеја очекувањата на милиони, а тоа не е лесно. Етикетата „златна генерација“ е многу тешка за носење за овие играчи, како и во други земји. Пред СП почувствував дека тоа е многу нефер затоа што, според мене, станувате „златна генерација“ преку вашите достигнувања, а не поради перцепцијата на луѓето за вашиот статус. По она што се случи во Русија, со начинот на кој играше оваа репрезентација и доаѓајќи дома со бронзениот медал, тие се златна генерација на Белгија – вели Роберто Мартинез, селекторот на Белгија во интервју за интернет-страницата на Светската фудбалска федерација.