Славни фудбалски клубови ќе гостуваат во Скопје во првото коло од квалификациите за пласман во Лига Европа (ЛЕ), откако Работнички го доби за противник унгарскиот Хонвед, а Шкупи треба да се сретне со шкотскиот Глазгов ренџерс. Вардар, пак, ќе игра со Пјуник од Ерменија. Мечевите се на 12 и на 19 јули.
Хонвед е клубот за кој своевремено играа славните унгарски фудбалери Ференц Пушкаш, Шандор Кочиш, Јожеф Божик, Ѓула Грошич итн. Клубот од Будимпешта е 14-кратен првак на Унгарија, има два пласмана во четврт-финале на КПК и Купот на УЕФА (сега ЛЕ). Глазгов ренџерс, пак, е победник на некогашниот КПК во 1972 година и финалист во Купот на УЕФА во 2008 година, како и 54-кратен првак на Шкотска. Од неодамна менаџер на клубот е славниот англиски фудбалер Стивен Џерард.