На тимовите во фудбалската Серија А ќе им биде дозволено да почнат со индивидуалните тренинзи на 4 мај, а со тимските на 18 мај, откако италијанскиот премиер ги објави првите чекори за олеснување на забраните што ги предизвика коронавирусот. Постојат надежи дека натпреварите во Серија А би можеле да продолжат помеѓу 27 мај и 2 јуни, а сезоната да заврши во почетокот на август.
Премиерот Џузепе Конте во телевизиското обраќање рече дека играчите ќе можат „да тренираат индивидуално од 4 мај, а во групи од 18 мај, а потоа ќе оцениме дали има услови сезоната да заврши“.

– Јас сум страстен љубител на фудбалот. Како и на многу Италијанци, првично ми беше чудно дека првенството може да се прекине или да се суспендира, но мислам дека дури и најжестокиот навивач разбира дека нема друга алтернатива – изјави Конте, додавајќи оти втората фаза од планот за олеснување на мерките ќе почне на 4 мај.

Италијанската фудбалска федерација (ФИГЦ) се надева дека ќе почне со тестирањето играчи на вирусот во почетокот на мај, за да им овозможи безбедно враќање на тренинзите и за тоа веќе изработи медицински протокол. За почеток секој клуб ќе формира група играчи, технички персонал, лекари и физиотерапевти што ќе бидат тестирани, а потоа изолирани во тренинг-центрите.
Во Серија А за доигрување остануваат уште 12 кола.