Нивната задача е да поработат на подобрување на техничките способности на младите играчи, но и на сениорите и ги има во сѐ повеќе клубови. Станува збор за дриблинг-сесии со играчите на кои им е потребно тоа, за часови поминати во одредено движење, позиционирање…

ФУДБАЛ

Сѐ повеќе клубови назначуваат тренери специјалисти, кои индивидуално работат со фудбалерите, особено во младите категории, но тоа стана практика и во сениорските тимови, пишува „Скај спорт“. Кога се говори на оваа тема како пример често се зема Кристијано Роналдо со кого своевремено во Манчестер јунајтед индивидуално работел Холанѓанецот Рене Муленстин. Неговата задача била да се фокусира на тренинзите еден на еден, дриблинг-сесии со играчите на кои тоа им е потребно, часови поминати во одредено движење, позиционирање…
Муленстин е жесток поборник за методот на тренирање корвер, именуван според неговиот сонародник Вил Корвер, познат и како Алберт Ајнштајн на фудбалот. Таа посветеност на методологијата на Корвер била еден од главните фактори за да го ангажира Алекс Фергусон.

– Намерата беше да се подобри техничката способност на младите играчи. Секако, Корвер имаше огромно влијание врз Рене, јас бев свесен за тоа. Тоа ми одговараше бидејќи и јас користев слични методи кога бев менаџер и тренер на Абердин. Мислев дека е многу важно тогаш и мислам дека сега е уште поважно – објаснуваше Фергусон уште во 2006 година.
Разбирливо, трендот го диктираат клубовите во најсилните и најбогати лиги. Минатото лето, новосоздадената позиција индивидуален тренер за развој во Шефилд јунајтед ја презеде Рис Кар.

– Мојата улога е работа во академијата со играчи од 18 до 23 години и како да ги подготвиме за првиот тим. На кои работи да се концентрираме, да работиме и да ги подобриме. Мислам дека тоа е аспект на тренирање што ќе се зголемува и мислам дека допрва доаѓа времето на индивидуалните тренери – вели Кар.
Кар се сеќава дека кога пристигнал во клупскиот тренинг-камп забележал фотографија на младиот тим до 18 години со освоениот трофеј.
– Тоа беше една од првите работи што ги забележав, но не знаев дека пред неколку години Шефилд јунајтед бил најдобар во оваа конкуренција. Знаев само дека Кајл Вокер, Хари Магваер и многу други поминале низ академијата. Н кога дојдовме до тоа кој од другите сега е во првиот тим, одговорот беше никој. Не е најважно да се освојуваат титули во младите категории, туку да се создаваат играчи, и тоа врвни – вели Кар.

Но, треба да се истакне дека таа работа не е никаква новина. Клубовите се свесни дека од стотици играчи во нивните академии, само мал број ќе стигнат до првиот тим. Тоа не е тајна, туку реалност. Џејдон Санчо беше скапоцениот камен во академијата на Вотфорд, во која се издвојуваше од другите и пред преселбата во Манчестер сити пред 15-от роденден. Во тој период, во 2013-та, клубот го ангажира Луис Ланкастер да работи индивидуално со Санчо и со помала група играчи.

– Во одреден момент клубот ќе бара производ од вас. Тие не можат да даваат пари, без ништо да им се врати. Ги прашав колку играчи создале за првиот тим во претходните 10 години. Ми кажаа, многу. Фантастично. Но колку од нив одиграле 50 меча или генерирале повеќе од еден милион фунти за клубот? Значи, ако сум елитен тренер за развој, кој би требало да работи со елитни играчи, дајте ми ги најдобрите петтемина од академијата. Таа улога ме научи за разликата помеѓу спортот за сите и елитниот спорт – вели Ланкастер. 


Контроверзноста на Корвер

Вил Корвер, кој со Феенорд ја освои домашната шампионска титула во 1974 година, ги проучувал големите играчи од минатото и заклучил дека она што ги прави подобри од другите се нивните вештини со топката. Уште поважно, Корвер верувал дека тие вештини можат и треба да бидат тренирани индивидуално.

Корвер наведува дека „успехот на кој било тимски систем, тактика или формација на крајот зависи од индивидуалните квалитети и вештини на играчите“ и тоа треба да го диктира пристапот. Но други влијателни фудбалски личности не биле толку убедени во тоа што го работи Корвер, особено Холандската фудбалска федерација. Методите на Корвер се сметаа за контроверзни во Холандија, бидејќи беа директно спротивни на ставовите на Ринус Михелс, легендарниот тренер, и на Јохан Кројф, кои го создадоа тоталниот фудбал. Михелс и Кројф ја ценеа индивидуата, но само во контекст на целината.


Стратев: Спој на индивидуалната со тимската работа

Индивидуалните, дополнителни тренинзи се неопходни, многу потребни за сите фудбалери. Особено внимание треба да им се посвети на одбранбените, на оние од средината на теренот, на напаѓачите, бидејќи сите имаат различни задачи во тимот. Но за мене тоа е само неопходна надградба затоа што во прв план треба да биде колективот, затоа што фудбалот е специфичен спорт и во тимот треба да споите најразлични играчи на различни позиции, со различни карактеристики и со различни карактери. Можете вие да имате неколку силни индивидуалци во тимот и тој пак да не функционира најдобро.

Значи треба да се спои индивидуалната работа на играчите со заедничката на тимот за да се постигнат оптимални резултати. Едно без друго не оди. Тие работи не се некоја голема новина, и кај нас во Македонија се работело и се работи индивидуално со фудбалерите, но прашањето е колку било квалитетно. Често може да се забележи дека некои не совладале и некои основни елементи што се должи на недоволната, па и лоша работа, вели Зоран Стратев, технички директор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).


Михајлов: Најпогодна е комбинацијата од двата вида тренинг

Во модерниот фудбал индивидуалниот квалитет е сѐ поизразен и многу од тренерите практикуваат, покрај тимскиот тренинг, да работат и на индивидуалните карактеристики кај одредени играчи. Во моето богато интернационално искуство сум се сретнувал со различни методи на работа. Во Германија се работи многу на сила, на трчање, на дуел-игра, не толку многу на индивидуалноста.

Во Данска акцент се става и врз индивидуалната техника, работење во групи, во зависност од тоа кој на која позиција игра и потоа се вметнува во реалната игра со одредени задачи. Постојат разлики околу индивидуалниот и тимскиот тренинг. Јас практикувам да комбинирам во групи, како преку тој тренинг да се подобрат перформансите, а и да се елиминираат недостатоците. Практикувам да останувам и по тренинзите за да работам индивидуално со одредени фудбалери.

Моето искуство кажува дека комбинацијата од тимски и индивидуален тренинг е најпогодна, бидејќи и во двата случаја се подобруваат индивидуалните квалитети, кои потоа се вметнуваат и го прават тимот подобар, вели Горазд Михајлов, тренер на прволигашот Борец од Велес.