Од англискиот првак, меѓу најдобрите 11 се Александер-Арнолд, Ван Дајк, Робертсон и Хендерсон

ФУДБАЛ – ИЗБОР НА „ЕВРОПСКИ СПОРТСКИ МЕДИУМИ“

Асоцијацијата на публикации „Европски спортски медиуми“ (ЕСМ) го избра фудбалскиот тим на годината, во кој најмногу има од Ливерпул, четворица, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“. Ливерпул триумфира во англиската Премиер-лига по пауза од 30 години, а во најдобриот европски тим на сезоната влегоа Трент Александер-Арнолд, Вирџил ван Дајк, Енди Робертсон и Џордан Хендерсон.
Лионел Меси и Марк-Андре Тер Штеген се претставниците од шпанска Барселона, а нема ниту еден од тимот на Реал Мадрид, кој годинава ја освои титулата во шпанската Ла лига. Дајот Упамекано од германски Лајпциг, Кевин де Брујне од англискиот премиерлигаш Манчестер сити, Анхел ди Марија од француски Пари Сен Жермен, Роберт Левандовски од германскиот и европски првак Баерн и Ерлинг Холанд од германска Борусија Дортмунд (во првиот дел од сезоната играше за австриски Салцбург) се играчите што го комплетираат тимот на сезоната. Од нив, Ван Дајк, Де Брујне и Левандовски се фудбалерите што најмногу (по пет пати) се најдоа во изборот на тимот на месецот.

„Европски спортски медиуми“ (ЕСМ) е асоцијација на публикации, формирана во Барселона во 1989 година, и во моментов има 14 весници од 12 земји, но нивниот број може и да се зголеми. ЕСМ и УЕФА заедно го организираат доделувањето на наградата за најдобар фудбалер во Европа, а ЕСМ е и почесен гостин на ФИФА на церемониите за избор на најдобрите фудбалери во светот за една година, оти таа награда се доделува по идеја на ЕСМ, пишува на интернет-страницата на ЕСМ. Од 1997 година ЕСМ го доделува и признанието „златна копачка“ за најдобриот стрелец во Европа во една сезона во домашните првенства.


Меси е рекордер

Од ланскиот избор на најдобриот фудбалски тим на сезоната во избор на „Европските спортски медиуми“, во годинашниот се Марк Андре тер Штеген (вкупно третпат), Вирџил ван Дајк (вторпат) и Лионел Меси, кој е рекордер со 13 избори меѓу најдобрите. Зад Меси на листата се Кристијано Роналдо (девет), Роберто Карлос (седум), Дани Алвеш (пет) итн. Тимот на сезоната ЕСМ го избира од сезоната 1994/1995 (во тој тим беа Витор Баија, Паоло Малдини, Матијас Замер, Дени Блинд, Франк Рајкард, Џанфранко Ѕола, Јари Литманен, Михаел Лаудруп, Иван Заморано, Алан Ширер и Јирген Клинсман).


НАЈДОБРИТЕ 11 СЕЗОНАВА ВО ИЗБОР НА ЕСМ

Марк-Андре тер Штеген Барселона

Трент Александер-Арнолд Ливерпул
Вирџил ван Дајк Ливерпул
Дајот Упамекано Лајпциг
Енди Робертсон Ливерпул
Кевин де Брујне Манчестер сити
Џордан Хендерсон Ливерпул
Анхел ди Марија ПСЖ
Лионел Меси Барселона
Роберт Левандовски Баерн
Ерлинг Холанд Салцбург/Борусија Д.