Барселона во дербито ќе игра без Меси

Борусија, која е без примен гол, игра со Атлетико, Барселона без Меси ќе се сретне со Интер, а од другите мечеви Ливерпул ја пречекува Црвена звезда од која беше елиминиран во 1973 година, во тогашниот Куп на шампионите

Борусија Дортмунд – Атлетико Мадрид (група А), Барселона – Интер (група Б) и Ливерпул – Црвена звезда (група Ц) се најпривлечните дуели од вечершната трета рунда натпревари во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ).
Борусија и Атлетико по двете кола имаат по максимални шест бода и како што стојат работите ќе немаат проблеми да се пласираат во нокаут-фазата, без оглед на исходот од овој меч.

Борусија е во добра форма есенва и не прими гол на двата меча во ЛШ, против Бриж (1-0) и против Монако (3-0). Атлетико, пак, победникот во Лига Европа (ЛЕ) во минатата сезона, го совлада Монако на гости со 2-1 и Бриж дома со 3-1. Ова ќе биде нивни петти меѓусебен натпревар, а на досегашните четири ефектот е две победи за Борусија, една за Атлетико, едно реми и вкупна гол-разлика 4-3.

Барселона и Интер, исто така, имаат по шест бода – Барса по победите дома над ПСВ (4-0) и над Тотенхем на гости (4-2), а Интер над Тотенхем дома и над ПСВ на гости со по 2-1. Кај Барса ќе го нема главниот играч околу кој сѐ се врти, Лионел Меси, кој го повреди рамото на саботниот меч против Севилја (4-2) и ќе паузира најмалку три недели. Оттаму, ќе биде интересно да се види како тимот ќе функционира без Меси, како ќе се однесуваат другите фудбалери во неговото отсуство и како тренерот Ернесто Валверде ќе го „намести“ тимот. За Интер, кој во неделата го совлада Милан во 222-то градско дерби со 1-0 и ја елиминира Барса во полуфиналето на ЛШ во 2010-та, а потоа стана и европски првак, ова е прв настап во групната фаза по сезоната 2011/2012.

Ливерпул се смета за фаворит во дуелот против Црвена звезда на стадионот „Енфилд“ на кој ќе се обиде да ја прокнижи втората победа во групата и да се „извади“ за поразот од Наполи и примениот гол во 90-та минута (0-1). Црвена звезда има само еден бод, од првиот меч во Белград и ремито со Наполи (0-0), по што доживеа вистинска катастрофа на гостувањето во Париз кога загуби од ПСЖ со 1-6. Ливерпул и Црвена звезда се имаат сретнато во 1973 година, во тогашниот Куп на европските шампиони (КЕШ) кога двата меча ги доби Црвена звезда со по 2-1.
Два меча вечерва почнуваат во 18.55 часот (Бриж – Монако и ПСВ – Тотенхем), а другите се од 21 часот.