Владата најави дека ќе ги разгледа моделите на сопственост, вклучувајќи ги и оние што се користат во Германија, каде што правилото 50+1 значи дека клубовите не можат да играат во Бундес-лигата доколку еден комерцијален инвеститор има повеќе од 49 отсто од клубот

Владата на Велика Британија, во рамките на иницијативата на навивачките групации во Англија, подетално ќе ги разгледа сопственичката структура во фудбалските клубови, финансиите и вклученоста на навивачите, по контроверзиите во врска со пропаднатиот проект за формирање суперлига, пишува „Би-би-си“.
Владата најави дека ќе ги разгледа моделите на сопственост, вклучувајќи ги и оние што се користат во Германија, каде што правилото 50+1 значи дека клубовите не можат да играат во Бундес-лигата доколку еден комерцијален инвеститор има повеќе од 49 отсто од клубот. Бундес-лигата истакнува дека тоа правило „штити од несовесни сопственици и ги штити демократските обичаи на германските клубови“, пишува „Би-би-си“.
– Не е спорно дека од странските сопственици фудбалот во земјата имаше корист, но ние сакаме да утврдиме дали постојната структура и надзор ги штитат интересите на оваа игра – велат од Владата на Велика Британија.

Шесте клуба ја сменија одлуката за „отцепување“, но многумина инволвирани во фудбалот беа крајно исфрустрирани поради нивните постапки. Извршниот директор на Брајтон, Пол Барбер, рече дека 14-те други клубови од Премиер-лигата се гневни и оти очекуваат „поголема владина интервенција“.
– Прво, ги замоливме Премиер-лигата и ФА да спроведат целосна истрага. Вториот чекор мора да биде да се осигури дека такво нешто нема да се повтори. Сите знаеме дека постојат правила што треба да ги почитуваме и доколку се прекршат, треба да има санкции – изјави Барбер.