Продолжението на сезоната е предвидено за идната среда, со осминафиналето на ЛЕ, сезоната треба да заврши на 30 август, со финалето во ЛШ за жени (во меѓувреме се и завршницата на ЛШ за мажи и за младинци и на ЛЕ, како и почетокот на квалификациите за следната сезона), а во тој период само четири дена се без меѓународни клупски мечеви

Европската фудбалска унија (УЕФА) состави календар за натпревари за завршницата во сите континентални клупски натпреварувања, така што, почнувајќи од 5 август, речиси нема да има ден без меѓународен фудбал. Тука спаѓаат дуелите од завршницата на сезонава во машка конкуренција во Лигата на шампионите (ЛШ), Лига Европа (ЛЕ), младинската ЛШ и во ЛШ за жени, но и почетокот на новата сезона со квалификациите за куповите на УЕФА.
Според информацијата на интернет-страницата на УЕФА, од 5 до 30 август без фудбалски мечеви под капата на УЕФА се само четири дена, и тоа 9, 24, 28 и 29 август (на 9 август е ждрепката за првото коло од квалификациите за ЛШ за идната сезона).
Сезоната на европските клупски натпревари е во прекин од почетокот на март, поради пандемијата на коронавирусот. Продолжението на сезоната е предвидено за идната среда со реваншите (во некои случаи и единствени мечеви) од осминафиналето на ЛЕ.

И ЛШ за мажи и ЛШ за младинци продолжуваат со реванши од осминафиналето, а во ЛШ за жени сезоната продолжува со четврт-финалето. Сезоната треба да заврши на 30 август, со финалето во ЛШ за жени, а во меѓувреме квалификациите за новата сезона треба да почнат на 8 август, финалниот дуел во ЛЕ треба да се игра на 21 август, мечот за титулата во ЛШ за мажи е предвиден за 23 август, а младинскиот првак на Европа треба да биде познат на 25 август.

ЛШ за мажи од четврт-финалето треба да се доигра во Португалија (Лисабон), ЛШ за жени во Шпанија (Билбао и Сан Себастијан), ЛЕ во Германија (Дуизбург, Гелзенкирхен, Дизелдорф и Келн), а младинската ЛШ во Швајцарија (Нион). Сите мечеви ќе се играат без публика.


НЕКОИ ДАТУМИ ВО КАЛЕНДАРОТ НА УЕФА

5 август продолжуваат европските клупски купови
8 август почеток на квалификациите за новата сезона
21 август финале во ЛЕ
23 август финале во ЛШ за мажи
25 август финале во ЛШ за младинци
30 август финале во ЛШ за жени