Фото: Игор Бансколиев

Во репрезентативната кариера на Бобан Бабунски, настапите за Југославија против Бразил и за Македонија против Словенија остануваат засекогаш во сеќавањата. Богата тренерска кариера, асистент селектор во А-репрезентацијата и главен кормилар во два циклуса на младата фудбалска репрезентација на Македонија

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ: СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (157) – БОБАН БАБУНСКИ (2)

За кариерата како активен фудбалер за Бобан Бабунски пишував минатиот понеделник. Тој беше интернационалец, кој настапуваше во тимови во повеќе земји. Нормално, почетоците му беа во Македонија, за потоа да замине во Бугарија, Шпанија, Јапонија, Грција, Белгија и во Германија. Од секаде црпеше искуство, кое подоцна беше многу значајно да почне да работи како тренер, а еден период да му биде асистент на Никола Илиевски-Џиџи во сениорската репрезентација на Македонија.

Меѓутоа, се паметат и годините (од 2010 до 2015 година) кога беше селектор на младата репрезентација на нашата земја, со која му недостигаше да направи само уште еден чекор, па првпат да учествува во завршницата на едно европско првенство. Сепак, не може да се заокружи неговиот фудбалски век, а да не се споменат уште два момента, поврзани со неговата репрезентативна играчка кариера. Со оглед на тоа што беше во најголема форма во втората половина од 80-тите и последната декада од минатиот век, кога дојде и до распадот на поранешната држава. Бабунски, покрај настапите за младинските селекции, одигра и два натпревара за сениорската репрезентација на Југославија, а потоа беше и во првиот состав на сениорската селекција на Македонија.

МЕЧЕВИ ЗА ПАМЕТЕЊЕ И ЗА НЕЗАБОРАВ

Од разговорот со Бабунски можев да заклучам дека два репрезентативни настапа уште се во свежо сеќавање кај него. Првиот е кога истрча на стадионот во Сао Паоло, за да ги брани боите на сениорскиот тим на Југославија, а вториот оној незаборавен прв натпревар на репрезентацијата на самостојна Македонија, против Словенија во Крањ.
– Да се игра против Бразил беше нешто големо за секој фудбалер. Јас уште како млад имав слушнато дека Методија Спасовски во 1969 година играл за Југославија против Бразил на „Маракана“ во Рио, постигнал и гол, и си помислував колку би било убаво еден ден и јас да играм против кариоките. Тоа беше сон, кој мислев дека никогаш нема да се оствари, но дваесетина години по настапот на Спасовски дојде момент кога како репрезентативец на Југославија и јас заиграв против Бразил. Мечот се одигра во Сао Паоло, заврши со победа на домаќините со 3-2, но доживувањето што го почувствував таму, во тој дуел со репрезентацијата составена од најголемите светски фудбалски ѕвезди тогаш предводени од Ромарио, никогаш нема да го заборавам – вели Бабунски.
Од репрезентативната кариера Бабунски посебно го одделува и првиот настап за сениорската репрезентација на Македонија против Словенија, по осамостојувањето на нашата држава.

– Тоа беа мигови што секогаш ќе ги паметам и вечно ќе останат во мојата меморија. Во тој октомвриски ден во 1993 година, кога истрчавме на теренот на стадионот во Крањ, знаевме дека е тоа меч, не само за фудбалската туку воопшто за историјата на нашата држава, зашто го одигравме првиот официјален натпревар откако Македонија стана самостојна држава. За да биде радоста уште поголема, остваривме и уверлива победа со 4-1. Тој прв состав на Македонија навистина беше многу квалитетен. Тука, во првата постава, покрај мене беа уште Панчев, Најдоски, Канатларовски, Јаневски, Бошковски (стрелец на првиот историски гол), Марковски, Тони Мицевски, голманот Зоран Мицевски, Грозданов и З. Јовановски. Јас поради повреда морав предвреме да ја напуштам играта. Ми беше многу жал, зашто во дуелот влегов со голем елан, бев горд што ги бранам боите на мојата држава, но, ете, судбината ми била таква. Сепак, и покрај тој малер, 13 октомври 1993 година и стадионот во Крањ вечно ќе останат во моите спомени – продолжи Бобан.

Бабунски со возбуда зборува за тие моменти, кои сигурно остануваат во спомените и на сите актери во тој меч, како и кај љубителите на фудбалот во Македонија.
– Интересно е дека, по неколку години, откако настапував за Вардар во Крањ, ја почувствував истата атмосфера од времето кога бевме шампиони. Причина за тоа беше еден ист човек – селекторот Андон Дончевски. Тој и тогаш во Вардар и сега пред средбата во Крањ нѐ бодреше со добро познатата реторика, и сега бевме војводи, комити, јунаци што треба да одиграме до последен здив за боите на Македонија. И овој пат Дончо успеа максимално да нѐ мотивира и да нѐ донесе до првата победа – вели тој.

ДАНСКА СЕ „ИЗВЛЕЧЕ“

Бобан Бабунски беше и во составот на нашата репрезентација во квалификациите за Европското првенство во Англија во 1996 година. Тој настапи речиси на сите мечеви во квалификациската група, од кои најмногу жали за исходот од почетниот натпревар против Данска.
– Во Скопје на Градски пред полни трибини, инспирирани да дадеме сѐ од себе, уште во почетокот со голот на Митко Стојковски поведовме со 1-0. Кога беше постигнат голот ечеше од сите страни, дојде до вистинска ерупција на трибините. Задоволството кај гледачите беше огромно, само беше прашање дали ќе успееме да го зачуваме резултатот зашто против себе имавме еден силен и искусен противник, кој триумфира на претходното ЕП во Шведска во 1992 година. Во составот на Данците, само да спомнам, на голот беше Шмејхел (татко на сегашниот голман на Лестер Каспер), потоа Хелвег, Поулсен и браќата Мајкл и Брајан Лаудруп. Ние бевме хендикепирани со исклучувањето на Дарко Панчев во 47. минута, но до завршницата од дуелот машки се боревме и го чувавме резултатот. Сепак, искусните Данци на три минути пред крајот на мечот изведоа еден брз напад по левата страна, кој заврши со погодок на Поулсен. Тоа беше шок за нас и за гледачите. Сите очекувавме победа, зашто таа ни беше тука, на дофат.

Така Данците успеаја да се „извлечат“ во Скопје. Потоа, малку разочарани ги продолживме квалификациите, во кои ги одиграв речиси сите натпревари и на крајот бевме четврти во групата зад Шпанија, Данска и зад Белгија, а пред Кипар и пред Ерменија – се сеќава Бабунски.
Сепак, овој пласман беше оценет како успешен, зашто тој покажа оти Македонија има фудбалери што можат да им парираат и на поискусните противници. Потоа дојде до промена на селекторското место, Дончевски беше заменет од Хаџиевски, кој тргна со подмладување на тимот и до смена на генерациите.
– И со Хаџиевски настапив на неколку квалификациски средби за СП во 1998 година во Франција, а потоа, кога почнаа квалификациите за ЕП во Холандија и Белгија во 2000 година, полека почнав да се разделувам од репрезентацијата. Сепак, задоволен сум зашто одиграв 23 средби за сениорската репрезентација, за која постигнав и еден гол, а бев член и на оној историски тим што во 1993 година го одигра првиот официјален натпревар со Словенија во Крањ – рече Бабунски.

УСПЕШЕН И КАКО ТРЕНЕР

Откако заврши со активното играње, со оглед на тоа што имаше големо меѓународно искуство, Бобан Бабунски се приклучи кон стручниот штаб на сениорската репрезентација во која беше асистент на селекторот Никола Илиевски-Џиџи. Тоа беше оној период, во првите години од овој век, кога го одигравме оној квалитетен и драматичен меч со Англија, 2-2, во Саутемптон, во 2002 година.
Потоа Бабунски поголемо време посветува на сопствената едукација, а патем да споменеме дека тој беше и еден од иницијаторите за формирање на Едукативниот центар на ФФМ, низ кој во минативе години поминаа многу тренери, кои станаа носители и на највисоката пролиценца. Бабунски беше еден од првите со највисоката лиценца. Потоа, тој работеше како тренер во Работнички, за од 2010 до 2015 година да биде селектор на младата репрезентација на Македонија.
– Од тој период многу жалам што во вториот циклус од квалификациите за ЕП за малку не успеавме. Но таков е фудбалот, желбите не секогаш се исполнуваат – рече Бабунски.

Инаку, по селекторувањето со селекцијата до 21 година беше вклучен во Академијата на ФК Вардар, во чиј развој, исто така, имаше голем придонес.
Нема сомнение оти Бобан Бабунски има посебно место во македонскиот фудбал, а неговите синови Давид, кој беше капитен на репрезентацијата до 21 година, што учествуваше на ЕП во Полска, и Дориан ја продолжуваат фудбалската лоза на семејството Бабунски.