Имам привилегија секој ден да сум со играчи од светска класа, вели Клоп

Клоп објаснува зашто го нема на социјалните медиуми, зашто не носи костум и за други работи (не)фудбалски работи

Во специјалното интервју за „Скај спорт“, насловено „Како е да се биде шеф“, Германецот Јирген Клоп зборува за тренерско-менаџерската работа, зашто не е на социјалните медиуми… Клоп „растура“ сезонава со Ливерпул во Премиер-лигата, тимот води на табелата со 67 од можни 69 бода по 23 одиграни меча и е на добар пат кон освојување на првата титула во Англија по 30 години.

Кој е најдобриот дел од тоа да се биде фудбалски менаџер?
– Парите?! Ха, ха! Работата во фудбалот, затоа што тоа го сакам уште од првиот ден. Го сакав тоа и кога бев само тренер на почетокот, кога никој не ме познаваше. Имам привилегија секој ден да сум со играчи од светска класа, да ги гледам на тренинзите, обидувајќи се да им помогнам да станат подобри, ако е можно, во различни работи. Тоа е големо, големо уживање.

Колку сте различен од менаџерот што почна во Мајнц?
– Фала му на бога, денес сум многу подобар, но тоа е поради искуството што ми беше овозможено да го стекнам. Морав да донесувам некои непријатни одлуки, но и тоа беа добри искуства. Знам многу повеќе за фудбалот, затоа што во неделите бев играч, а менаџер или тренер веќе во понеделник. Да бидам искрен, никогаш не прочитав книга за фудбалот, никогаш не сум имал можност да гледам што прават другите тренери, па морав сам да учам. Тоа беше навистина добро време, особено во првите неколку години, кога никој не нѐ гледаше и можевме да правиме што сакаме и за време на викендот да видиме дали тоа функционира.

Имаше ли на кого да се угледате како менаџер?
– Можам да позајмам многу работи од многу луѓе, но вистинска можност е кога ќе работите заедно со нив. Јас сум голем обожавател на Ариго Саки, без да го познавам, а со кого имав само еден телефонски разговор. Со неговата работа подетално се запознав кога мојот поранешен менаџер Волфганг Френк ги донесе сите видеа. Мислам дека во тоа време видов 20, 30 или 500 тренинзи на Милан.

Кои се најбитните работи во менаџерската работа во фудбалот?
– Внимавањето на деталите веројатно е најважно. Напнатоста или што и да е покрај аут-линијата не е важно. Мислам дека можете да бидете најдобриот тренер на светот, а да седите 90 минути на клупата. Јас не сум таков, но некои навистина добри тренери може да го сторат тоа. Јас се обидувам да помогнам за време на играта. Ако е и само малку, задоволен сум со тоа. Најважното нешто? Разбирањето на фудбалот. Треба да се гледа играта пошироко, како поголема слика, не само преку постигнат или примен гол, шутирање, има многу повеќе работи во оваа игра што се важни. И треба да организирате сѐ наоколу и да ги оставите момчињата да се концентрираат на работите што треба да ги направат. Да, тие мора да најдат решенија сами на теренот, но за тие решенија треба да бидат што е можно подобро подготвени на тренинзите.

Колку гледате што прават другите тимови во светот? Дали гледате видеа?
– Не многу внимателно, не седнувам за да ги студирам Барселона, Реал, Милан во старите убави времиња, Баерн, Манчестер сити. Им се восхитувам на многу тренери и на она што го прават, но никогаш не ги гледам доволно често за да земам нешто за нас, или да кажам „да го направиме тоа вака“. Ние секогаш се обидуваме да го сториме тоа на свој начин, затоа што сето тоа е во врска со сопствените играчи и со она што се во можност да го направат тие.

Дали знаевте дека Мајк Гордон, претседател на клубот, ве опиша како полиматематички човек?
– Не можам да бидам тоа, затоа што не знам што значи?!

Тоа е индивидуа чие знаење се пренесува на голем број други субјекти!
– Ха, ха, ха! Ти благодарам, Мајк. Дали тој го кажа тоа пред да потпишам нов договор или потоа?

Претходно. Тој, исто така, рече: „Јирген е еден од најдобрите менаџери (извршни директори) во светот… ако не менаџираше фудбалски клуб, можеше да управува со која било позната светска компанија на листата на Форчн 500“
– Фала му на бога, не морам да го правам тоа. Бидејќи, како што гледам, единствената вистинска работа што ја разбирам е фудбалот, и животот, но не можете да го искористите тоа во некоја друга компанија. Значи, тоа е добро кажано, многу е убаво, ми годи, но не е многу точно.

Дали сте менаџер во тренерки?
Тоа е очигледно!

Зошто не носите костум?
– Не ми се допаѓа. Ми се допаѓа да носам костум во некои посебни пригоди, и ова не треба да се сфати како непочитување, бидејќи, колку што знам, особено во Англија, многу луѓе носат костуми на посебни денови. Но јас немам време да размислувам за тоа што ќе облечам пред натпреварот, едноставно не сум таков. Концентриран сум на мечот и на другите работи што треба да ги направам. Значи, ако некој ми каже „мора да ја поправите вратоврската и слично“, тоа не функционира за мене. Пробав, не со костум, туку со малку посериозен изглед кога дојдов во Дортмунд. Во првите неколку недели носев фармерки со црна кошула или слично, потоа носев само тренерка. И тоа е затоа што има тренерки во соблекувалната, тоа е главната причина.

Како се исклучувате од фудбалот?
– Со спиење.

Само со тоа?
– Најчесто, или ако сум на одмор.

Зашто не сте на социјалните медиуми?
– Јас тоа не го разбирам, или зошто би го правел тоа. Можеби еден ден ќе го правам, но не сум сигурен. Не разбирам зашто би сакале да им кажете на другите луѓе, луѓе што не ги знаете, што е добро или не во моментот. Но тоа е веројатно проблем на мојата генерација. Јас сум премногу стар за тоа.

Три збора за да се опишете себеси…
– Не размислувам многу за себе! Значи, три збора. Не можам да го сторам тоа.