Јан Сијверт (36) е третиот тренер на вториот тим на Борусија Дортмунд што заминува од германскиот клуб за да работи во Англија, по Даниел Фарк во Норич и претходно Дејвид Вагнер во Хадерсфилд

Премиерлигашот Хадерсфилд, по заминувањето на Дејвид Вангер, повторно ангажира менаџер од Германија и повторно од Борусија Дортмунд, Јан Сијверт (36). Тој е третиот тренер на вториот тим на Борусија што заминува од германскиот клуб за да работи во Англија, по Даниел Фарк (42) во Норич и претходно Дејвид Вагнер (47) во Хадерсфилд. Ретко се случува англиските клубови да назначуваат помлади менаџери, а уште помалку странци.
Сепак, Хадерсфилд се одлучи за нов шеф, кој нема менаџерско искуство на највисоко ниво или, како што истакнува германскиот фудбалски експерт, Рафаел Хонигштајн, Сијверт до вчера немаше страница на Википедија.

Што е толку привлечно кај овие тренери од Дортмунд, се прашуваат Англичаните. За да се дојде до именувањето на Сијверт, неопходно е мало враќање во ноември 2015 година. По неуспешните обиди со Пол Грејсон, Марк Робинс и Крис Пауел, кои беа на менаџарската позиција помалку од 18 месеци, сопственикот на Хадерсфилд, Дин Хојл, сметаше дека е време за промена.

Импресијата од влијанието на Јирген Клоп во Ливерпул само по еден месец, како и од неговата претходна работа во Борусија, го натерала Хојл да замине за Дортмунд. Не можејќи да си го дозволи тогашниот тренер на првиот тим, Томас Тухел, кој сега е во ПСЖ, тој се решил за следната најдобра опција. Знаејќи дека стилот на игра се применува во сите клупски категории, Хојл го ангажирал шефот на резервниот тим на Борусија, Дејвид Вагнер. Во текот на следните 18 месеци, Вагнер од работ на испаѓање од Чемпионшип го одведе Хадерсфилд во Премиер-лигата и го задржа таму.
Во меѓувреме Норич го следеше примерот на Хадерсфилд и го ангажира наследникот на Вагнер во Дортмунд, Даниел Фарк. Како и Вагнер, и на Фарк не му требаше многу време за да ги имплементира своите идеи. Вагнер победи на 10 (31,25 отсто) од првите 32 натпревари, а Фарк на 18 (32,72 отсто) од првите 57 меча. Кога Вагнер минатата недела на Хојл му кажа дека се повлекува откако Хадерсфилд се најде во зоната на испаѓање, во клубот знаеја што им треба.

Хонингштајн во назначувањето на Сијверт не гледа ништо посебно „иновативно или генијално“, односно вели дека за тоа има голема причина.

– Германските тренери во целина носат со себе две работи што се многу привлечни како за Хадерсфилд така и за други англиски клубови. Тие се навикнати да работат во структура каде што нема да дојдат и да речат „ми требаат шест или седум играчи и ми требаат два-три трансфер-рока за да го направам мојот тим“. Тие се навикнати да тренираат, тие сакаат да го имаат главниот збор кога станува збор за екипата и нивната главна задача е да го извлечат максимумот од играчите што ги имаат на располагање. Ако поседувате клуб како Хадерсфилд, кој нема многу пари, тоа е многу попривлечна опција отколку да ангажирате менаџер што ќе ви каже „ова е мојата листа на фудбалери, ве молам да ги купите во наредните неколку години“ – вели Хонингштајн.

Хојл признава дека Сијерт има многу сличности со Вагнер, но и додава дека такви споредби не значат ништо и оти тој има свој посебен личен интегритет.
Извори блиски до Сијверт за Би-би-си велат дека не треба да се очекува нов Јирген Клоп. Тоа значи дека тој нема да скока покрај аут-линијата и слично на Вагнер, нема да ги покажува многу емоциите.

– Што се однесува до тактиката на почетоците, тој беше сличен на Клоп. Неговите екипи го вршеа истиот притисок, барајќи грешки кај противникот.

Но минатата сезона имаа поголем посед на топката. Јан е многу добар во работата со младите играчи и ја сака напаѓачката игра – вели анонимниот извор за Би-би-си.
Главната разлика со која ќе се соочи Сијверт во Хадерсфилд, во споредба со Борусија, е тоа дека неговата екипа нема да доминира, било да станува збор за поседот на топката или за теренската доминација, како во Германија. 


Сијверт е најмладиот менаџер во Премиер-лигата

Јан Сијверт, на возраст од 36 години, сега е најмладиот менаџер во англиската фудбалска Премиер-лига. Рекордот во оваа статистичка категорија го држи Велшанецот Крис Колмен, кој на 32 години, во мај 2003-та, беше именуван за менаџер на Фулам, каде што остана во следните четири сезони. Следен на таа листа е Португалецот Андре Вилјас-Боас, кого Челси го ангажира во 2001 година, на 33-годишна возраст, колку што имаа и повозрасните играчи, како Франк Лампард и Дидие Дрогба. Но Вилјас-Босас не се задржа долго таму и по нецела сезона беше сменет. Пол Џуел на 34 години стана менаџер на Брадфорд, кого успеа да го внесе во Премиер-лигата во сезоната 1998/1999. Гарет Саутгејт, сегашниот селектор на Англија, имаше 35 години во јуни 2006-та, кога го замени Стив Мекларен во Мидлсбро. Рој Кин, легендарниот фудбалер на Манчестер јунајтед, исто така на 35 години, во 2008-та, беше назначен за менаџер на Сандерленд, каде што остана до декември 2008-та.