Долгогодишниот асистент на првиот тренер на Ренова, Ќатип Османи а потоа и на Влатко Костов, Бујар Ислами, е новиот тренер на кичевски Влазерими.

Ислами сега како прв тренер ќе се обиде да го врати во елитното друштво кичевскиот второлигаш. Под негова палка вчера започнаа и подготовките кај кичевскиот лигаш а, деновиве од Франција се очекува да пристигне и спонзорот на клубот Блерим Садику.

-Со вчерашниот попладневен тренинг и официјално ги стартувавме летните подготовки. На првиот собир се јавија дваесет фудбалери, а во наредните неколку дена очекуваме на располагање да ни се стават сите фудбалери на кои сметаме за следната сезона. Од утре ќе работиме двапати на ден, на физичка и брзинска издржливост на играчите, а ќе посетуваме и фитнес. На 18 јули го планираме и првиот годинешен тест, со што ќе ја отвориме серијата контролни натпревари кои ги планираме за овој подготвителен циклус. Од новаците засега потврден е трансферот на Шпенд Асани од екипата на Шкендија, додека останатите засилувања ќе ни се приклучат до крајот на оваа седмица. Дојдов во Влазерими да го внесам клубот во Првата лига, а со тоа и јас да се потврдам како тренер за големи резултати -истакна Ислами.

З.А.