Имајќи предвид дека контроверната идеја за европска фудбалска Суперлига е пред згаснување, претседателот на Јувентус Андреа Ањели бараше виновник за неуспехот и го пронајде брегзит, пишува „Политико“.

Еден од главните заговорници за новото натпреварување во изјава за „Ројтерс“ кажа дека слушнал шпекулации според кои „политиката би го сметала одметнувањето на шесте англиски клубови од Премиер-лигата за напад врз брегзит и нивниот договор“.

Ањели тврдеше дека бил излажан за интересот во проектот, признавајќи дека концептот на Суперлигата веќе не е изводлив.

– Нема да кажам колку клубови ме контактираат за само 24 часа, прашувајќи дали можат да се придружат. Можеби лажеа, но бев контактиран од повеќе клубови – вели Ањели.

Првиот човек на Јувентус, за кого се појавија шпекулации дека поднел оставка на функцијата, сепак, изрази незадоволство од состојбата во водечките фудбалски структури.

– Не мислам дека нашата индустрија е искрена и доверлива – порача Ањели.

Плановите за Суперлигата објавени во неделата, се изјаловија до вчера, откако речиси сите клубови се повлекоа, под притисокот на јавноста. Од 12-те клубови потписници останаа уште Реал Мадрид и Барселона.