Руни (35), еден од великаните на англискиот фудбал, без сомневање најдобриот во генерацијата, ќе биде менаџер на Дерби, тимот што настапува во Чемпионшип. Откако пред неколку дена го објави пензионирањето, социјалните мрежи беа преплавени со пораки, не само од поранешните соиграчи туку и од ривалските. „Светска легенда“ и „Најголем на сите времиња“ беа најчесто употребуваните зборови за да го опишат, а имаше и многу анегдоти за тоа како тој им помагал на оние околу него

Поранешниот напаѓач на Манчестер јунајтед и на Англија, Вејн Руни (35), еден од великаните на англискиот фудбал, без сомневање најдобриот во генерацијата, објави дека се пензионира за да биде менаџер на Дерби, тимот што настапува во англиската дивизија Чемпионшип. Кога 16-годишниот Руни го постигна победоносниот гол од далечина за Евертон против Арсенал во 2002 година, малкумина има чуено за него. „Брилијантен гол! Запаметете го името!“, извика тогаш на „Гудисон парк“ коментаторот Клајв Тилдсли.
Во текот на следните 19 години Руни ќе ги достигне ѕвездените фудбалски височини. Бројките зборуваат сами за себе. За време на извонредната кариера, тој ќе одигра 763 натпревари и ќе постигне 313 гола и ќе стане не само водечки стрелец на Манчестер јунајтед (253) туку и на Англија (53), надминувајќи го сер Боби Чарлтон (249/49) во двете категории.
Тој беше напаѓач, но не класичен и играше успешно на сите позиции, што секој, па и со мало фудбалско знаење, не можеше да го предвиди. Само Алан Ширер има постигнато повеќе голови од него во ерата на Премиер-лигата, 260 наспроти 208-те на Руни, кој е и на второто место на вечната листа според погодоци и асистенции, 311 (Ширер е прв со 324 гола и асистенции).

Откако пред неколку дена го објави пензионирањето, социјалните мрежи беа преплавени со пораки, не само од поранешните соиграчи туку и од ривалските. „Светска легенда“ и „Најголем на сите времиња“ беа најчесто употребуваните зборови за да го опишат, а имаше и многу анегдоти за тоа како тој им помагал на оние околу него. Напаѓачот на Јунајтед, Маркус Рашфорд објави на Твитер: „На еден од најголемите. Го остварив сонот да играм покрај тебе. Честитки за неверојатната кариера. Кога требаше да заиграм за првиот тим, влегов во автобусот и немав поим каде да седнам. Секој имаше свое место. Беше застрашувачки. Потоа го најдов моето место покрај Ваза (прекарот на Руни). Ти благодарам што направи да ми биде полесно и да се чувствувам добредојдено“.
Навивачите на Манчестер јунајтед, исто така, почнаа да ги споделуваат омилените спомени од кариерата на Руни на „Олд трафорд“. Тој не беше само одличен стрелец, тој постигнуваше и прекрасни голови. Од 253-те во дресот на Јунајтед, најрепризиран е голот со „ножички“ против Манчестер сити во 2011 година. Руни не беше обожаван од навивачите само поради головите или спектакуларната игра. Тие ги сакаа неговата енергија и несебична посветеност на каузата, како и незаситната жед за победа и подготвеност да се жртвува за тимот.

Руни беше една од ѕвездите во репрезентацијата на Англија на Европското првенство (ЕП) во 2004 година, но поради повреда предвреме го заврши настапот. За негова среќа, немаше такви проблеми на клупски план. Во текот на 13-те години на „Олд трафорд“, тој освои пет титули во Премиер-лигата, една во Лигата на шампионите (ЛШ), три лига-купа, еден ФА-куп и една во Лига Европа (ЛЕ). Руни беше во фокусот речиси на секој триумф и беше најголемиот адут на Алекс Фергусон пред пензионирањето во 2013 година. Бидејќи играше под надзор на најголемиот менаџер, не е изненадување што Руни е назначен за менаџер на Дерби. Тоа е нешто што тој го планира подолго време. Уште кога Луј ван Гал беше менаџер во Јунајтед, Руни тропаше на неговата врата и бараше да присуствува на состаноците на кои Холанѓанецот и неговиот тренерски тим ги анализираа противниците.
– Неговото познавање на играта не е доведено во прашање. Навистина се надевам дека ќе успее во таа работа. Тоа е голем чекор. Тој е богат млад човек и не му треба менаџирањето за да се грижи за семејството. Тој сака да го работи тоа што е многу важно – изјави Фергусон.