Кога на 17 јуни ќе продолжат натпреварите во англиската фудбалска Премиер-лига, ТВ-гледачите ќе имаат опција да вклучуваат вештачка навивачка бучава. Бидејќи натпреварите се играат без публика, клубовите, лигите и ТВ-операторите бараат најдобар начин за прикажување на натпреварите и за ублажување на недостигот од гледачи на трибините. „Скај спорт“ и „БТ спорт“ ќе користат вештачка бучава при преносите од натпреварите во Премиер-лигата, а гледачите ќе имаат и опција да ја исклучат таа бучава.

Гледачите во Велика Британија што натпреварите од Бундес-лигата ги следат на „БТ спорт“ можеа да слушнат вештачка навивачка бучава гледајќи ги натпреварите на Баерн и на Борусија Дортмунд. Во Лигата на Јужна Кореја, звуците од публиката се пуштаат преку звучниците на стадионот. Принципот на работа е едноставен. Основните звуци се преземени од претходната средба и потоа се мешаат со вистинските, од натпреварот. Реакциите на досудени пенали, прекршоци и одлуки со помош на ВАР ги создава и ги „вметнува“ реализаторот на преносот.