Џошуа Кимих го слави голот за Баерн

Баерн ја наполни мрежата на Барселона совладувајќи ја со убедливи 8-2 во мечот што го одбележаа повеќе индивидуални постигнувања на фудбалерите на германската екипа, која на импресивен начин се пласираше во полуфиналето на Лигата на шампионите (ЛШ).

Играчот на мечот Томас Милер и резервистот Филипе Кутињо (позајмен од Барселона) беа двојни стрелци за германскиот првак, додека по еднаш погодија Иван Перишиќ Серж Гнабри, Џошуа Кимих и Роберт Левандовски. Дефанзивецот на Баерн, Давид Алаба, ја затресе сопствената мрежа, а Луис Суарез беше единствениот фудбалер на Барса кој се запиша во листата на стрелците.

Баварците се првиот клуб кој успеал да постигне осум гола на меч од нокаут-фазата во ЛШ. Милер стана Германец со најмногу мечеви во најелитното клупско натпреварување, вкупно 113, надминувајќи го Филип Лам. Левандовски е првиот играч на Баерн кој погоди на осум последователни европски средби во низа, со што го собори рекордот на Јирген Клинсман кој во 1996 година стрелаше на седум меча од континенталните натпреварувања во низа. Извонредниот полски напаѓач стигна и до неговиот 50-ти гол за Баварците во ЛШ.

Барселона, пак, не памети кога претрпела толку тежок пораз. Каталонците последен пат загубија со шест гола разлика во 1951 година, против Еспањол во шпанското првенство.

Полуфиналето на тековната ЛШ ќе биде прво во кое нема да учествуваат ниту Кристијано Роналдо, ниту Лионел Меси по сезоната 2004-2005, со што е ставен крај на една ера во европскиот фудбал. Јувентус на Роналдо беше елиминиран од Лион во осминафиналето. Прекината е и успешната низа на шпанските клубови во ЛШ, бидејќи меѓу најдобрите четири нема да има екипа од Примера првпат по 2007 година.

Баерн во полуфиналето ќе се сретне со подобриот од утрешниот дуел помеѓу Манчестер сити и Лион, додека во второто полуфинале ќе играат ПСЖ и Лајпциг. Полуфиналните средби се закажани за 18 и за 19 август.