Иако првично не беше во комбинација за еден од неутралните стадиони за доигрување на преостанатите 92 меча сезонава во Премиер-лигата, како предлог од Фудбалската асоцијација (ФА) на Англија, сепак, се чини дека „Вембли“ повторно е во игра. Ова дојде откако стана јасно дека стадионите ќе бидат избирани според стандардите утврдени од Владата, полицијата и од Управата за безбедност на спортските терени.

„Вембли“ е еден од стадионите што ги исполнуваат строгите критериуми за одигрување натпревари. „Вембли“ има предност и со хотелите што се во непосредната близина, доколку се потребни, за да можат тимовите да останат блиску до стадионот. Клучните критериуми за избор вклучуваат локација на стадионот и надворешност на местото на настанот во контекст на потенцијално собирање гледачи.