Головите нема да бидат поништувани за мали офсајди поради „ноктите на нозете или носовите“ на напаѓачите, вели главниот судија во Премиер-лигата, Мајк Рајли

ФУДБАЛ, ВО НОВАТА СЕЗОНА ВО ПРЕМИЕР-ЛИГАТА

Откако беше многу критикуван во последните две сезони, Судискиот одбор во Англија најави суптилни промени во користењето на ВАР и оддалечување од „форензичката прецизност“.
Играчите и фудбалската игра би требало да имаат корист од овие измени во новата сезона, која почнува за десетина дена. Головите нема да бидат поништувани за мали офсајди поради „ноктите на нозете или носовите“ на напаѓачите, изјави шефот на судиите во Премиер-лигата, Мајк Рајли за „Скај спорт.
Линиите што се користат при офсајдите, сега ќе бидат пошироки, за да се врати предноста на тимот што напаѓа.
– Во основа, сакаме пристапот да им овозможува на играчите да се изразат најдобро на теренот и да се дозволи играта да тече. Тоа значи дека ВАР-тимовите нема да интервенираат за тривијални прекршоци, а прагот за судијата на теренот и за ВАР ќе биде малку повисок отколку што беше лани. Тоа се уште дваесетина гола, кои лани беа оценети како офсајди – вели Рајли.

Исто така, ќе има промена и во пристапот кон досудувањето пенали, откако лани имаше рекордни 125 удари од белата точка.
– Не е доволно само да се каже дека има контакт. Ако има јасен контакт, тоа има последици, тоа е фаул, но ако имате какви било сомнежи, веројатно ќе нема казна. Пенал ќе биде при чист фаул, а не по најмал контакт што некој го користи за да изнуди пенал – појаснува Рајли.
Постојат измени и во правилото за (не)играње со рака, што значи дека отсега ќе се признаваат головите по ненамерното играње со рака во подготовката на акцијата по која е постигнат голот. Сега, за разлика од првите две години на ВАР, гледачите на ТВ-екраните нема да го гледаат процесот при донесувањето на одлуките.