На Копа Америка проверките со ВАР траеле во просек по две минути и 26 секунди,
што е речиси двојно повеќе од времето што било потребно на СП 2018, првиот голем турнир каде што се користеше оваа технологија

Организаторите на Копа Америка се задоволни од употребата на видеотехнологијата помошник-видеосудија (ВАР) на турнирот, иако откриле дека прекините во просек изнесувале две минути и 26 секунди по интервенција, што е речиси двојно повеќе од времето што било потребно на фудбалското Светско првенство (СП) во 2018 година, јави „Ројтерс“.

Долгите прекини доведоа до свиркање од незадоволните гледачи и беа критикувани од неколкумина, на пример од селекторот на Колумбија, Карлос Кеирос, а оваа технологијата стана огромна тема за дебата и на Светското првенство за жени во Франција. Шефот на судиите на Копа Америка, Вилсон Сенеме, рече дека имало 17 интервенции на 18 натпревари, со 11 прегледи на екранот. Просечното време за интервенција на СП 2018 било 80 секунди, првиот голем турнир каде што се користеше оваа технологија.

Најдолгото време на проверка на ВАР беше девет минути во натпреварот Бразил – Венецуела, при што беа поништени три гола, од тоа два со помош на ВАР. На тој меч се играло малку во дополнителното време, но на СП за жени се играле 18 минути по 90-та минута на мечот Англија – Камерун.

– Немаше скандали и поради тоа сме задоволни – рече Сенеме, додавајќи дека 15 одлуки биле променети како резултат на користењето на ВАР, а две биле потврдени.
Венецуела прими четири гола што беа поништени по употребата на ВАР и откако ремизираа со домаќинот Бразил, кога беа поништени два гола, селекторот Рафаел Дудамел воодушевено изјави: „да живее ВАР“. Аргентина, пак, губеше од Парагвај, кога беше досуден пенал, за кој никој не се жалеше откако ВАР забележа дека по ударот од Лаутаро Мартинез топката го закачи во раката парагвајскиот репрезентативец Иван Пирис. Лионел Меси така постигна гол за реми, кое се покажа како клучно за пласманот во четврт-финалето.

Кеирос е најжестокиот критичар на ВАР на турнирот, велејќи дека треба да се преиспита откако беше поништен гол на Колумбија и беше сменета одлука при досуден пенал во победата против Парагвај со 1-0.
– Нешто мора да се промени, бидејќи гледачите се збунети, а и играчите и тренерите. ВАР требаше да го направи фудбалот појасен и пообјективен, но тој го прави спротивното – рече тој.

КОПА АМЕРИКА
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
1. Бразил – Парагвај петок, 2.30 ч
2. Венецуела – Аргентина петок, 21 ч.
3. Колумбија – Чиле сабота, 1 ч.
4. Уругвај – Перу сабота, 21 ч.
ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Победник 2 среда, 2.30 ч.
Победник 3 – Победник 4 четврток, 2.30 ч.
ФИНАЛЕ
Рио де Жанеиро недела, 22. ч.