Добро е што се воведе ВАР, технологијата напредува и верувам дека ќе му користи на фудбалот. Но во практиката, барем досега, не се покажа баш најдобро, гледаме доста нејасни, конфузни судиски одлуки. Според мене, клучно ќе биде да се утврдат критериумите, што е офсајд, кога играњето со рака треба да се казни со пенал, вели Благоја Милевски, селекторот на репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година

Речиси секој викенд, како минатата, така и сезонава, во англиската фудбалска Премиер-лига, како да стана правило, наместо за возбудувања, убави потези, голови, главна тема да се поништените голови поради офсајд, по интервенција на системот видеопомошник-судија (ВАР). И сето тоа крајно дискутабилно, по долги прегледувања на снимките, со повлекување линии што на многумина не им се јасни, за на крајот да биде донесена одлука дека фудбалерот бил во „милиметарски офсајд“ со врвот на копачката, со пазувата и слично.
Меч со многу контроверзии беше и саботниот дуел Брајтон – Ливерпул (1-1) во англиската Премиер-лига. На Ливерпул му беше поништен гол поради офсајд за „влакно“ на Мохамед Салах, а во 90-та минута беше досуден дискутабилен пенал за Брајтон. Во двата случаја во главна улога беше ВАР.
Воведувањето на ВАР беше со идеја да ги коригира „јасните и очигледни грешки“ на судијата на теренот и на неговите помошници, при офсајд, играње со рака во 16-те метри итн. Но поимот „јасен и очигледен“ може да се отфрли затоа што не се применува доследно. Во реалноста сето тоа се претвори во своевидна фарса, сите негодуваат, од играчи, тренери, до гледачи.

Клучните забелешки се дека со „форензичката“ истрага што ја прави ВАР во ТВ-студиото во потрага по маргинални, едвај забележливи грешки и прекршоци што често се решавачки за исходот на натпреварите, се уништуваат духот на играта, забавата, радоста и емоциите на гледачите.
За примената на ВАР, за офсајдите, играњето со рака во 16-те метри и досудените пенали, за кои, исто така, има многу забелешки, па и нејаснотии, побаравме мислење од доскорашниот судија на ФИФА, Димитар Мечкаровски.
– ВАР е добра работа, бидејќи повеќе нема кардинални грешки и пропусти на натпреварите како во минатото. Играта сега е побрза, можно е нешто да не се забележи на теренот, но затоа се камерите, преку снимките, да се исправат евентуалните грешки. Но, од друга страна, се отиде во крајност, се „сецира“ снимката во ТВ-студио, се оди до милиметар при одредувањето дали било офсајд, што и мене лично не ми се допаѓа. До скоро, пред ВАР, ако напаѓачот и последниот играч во одбраната беа во иста линија, немаше офсајд. Мислам дека така треба да остане или нешто да се смени, слично на она што го заговара Арсен Венгер, а тоа е офсајд да се суди само ако напаѓачот е забележително поблиску до голот од последниот одбранбен играч. Слично е и со играњето со рака. Пенал треба да биде при намерно играње со рака или ако топката што оди кон голот удри во раката на играчот која е во неприродна положба и го смени правецот. Сѐ друго, случајно и ненамерно играње со рака во 16-те метри, кога нема акција за гол не треба да се санкционира – вели Мечкаровски.

Во таа насока размислува и Благоја Милевски, селекторот на репрезентацијата на Македонија за фудбалери до 21 година.
– Добро е што се воведе ВАР, технологијата напредува и верувам дека ќе му користи на фудбалот. Но во практиката, барем досега, не се покажа баш најдобро, гледаме доста нејасни, конфузни судиски, ВАР-одлуки. Проблемот не е во технологијата, туку во луѓето, во судиите што ја применуваат. Според мене, клучно ќе биде да се утврдат критериумите, што е офсајд, кога играњето со рака треба да се казни со пенал. Сега, наместо работите да станат појасни, непотребно се искомплицираа. Зарем треба да се досуди офсајд ако прстот или петицата на ногата на напаѓачот биле понапред за милиметар, и тоа по долги, повеќеминутни консултации. Тоа е на штета на фудбалот, ќе заборавиме да се радуваме на головите, чекајќи потврда од ТВ-студиото. Казнувањето на секое играње со рака со пенал во некои ситуации беше и смешно. Треба судиите на теренот да ја имаат последната одлука, односно да проценат дали имало намерно играње со рака. Излегува како технологијата да му наштетува наместо да му помага на фудбалот. Ќе мора нешто да се менува, да се подобруваат правилата – вели Милевски. 


Кочо Димитровски: За меч без голови, нула бодови

Легендата на Вардар, фудбалерот со најмногу одиграни натпревари за најтрофејниот македонски клуб, 845, Кочо Димитровски, вели дека технологијата ВАР, односно луѓето задолжени за неа, не се снаоѓаат најдобро.
– Има добри, но и лоши страни кај ВАР. Не ја гледам поентата да се поништи гол по долго прегледување на снимката затоа што напаѓачот бил во офсајд што со голо око никој не го видел. Или по секој гол да следува прегледување на снимката и да се чека потврда. Кому му користи тоа? Играње со рака. Па и на лаиците им е јасно кога има намерно играње со рака, кога тоа е ненамерно. Како може да трчате со рацете припиени до телото? Сега има ситуации одбранбениот играч да ја допре топката со рака или таа да го удри случајно, не оди кон голот, а судијата да досуди пенал. Не треба така, не ми е јасно што сакаат со тоа, па во мое време немаше вакви работи. Грешеа судиите, но никого не оштетиле намерно. Сега, камери, снимки што не, и пак не е подобро. Но имам еден предлог што не е во врска со ВАР, офсајди, играње со рака итн. Тоа е ако мечот заврши 0-0, двата тима да не добијат бодови. Мислам дека со тоа би се зголемила ефикасноста и оти ќе биде корисно, како што беше воведувањето три бода за победа и по бод за реми – вели Димитровски.