На двата меча во ЛШ во средата, Атлетико – Јувентус (2-0) и Шалке – Манчестер сити (2-3) имаше неколку контроверзни ситуации во кои беше инволвиран видеоасистент-судијата (ВАР)

Атлетико и Манчестер сити си обезбедија солидна предност за реваншите во осминафиналето во фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), совладувајќи го Јувентус на домашен терен со 2-0, односно Шалке на гости со 3-2. Атлетико под водство на Диего Симеоне и понатаму е непоразен во нокаут-мечевите во ЛШ, со ефект од 12 победи и четири ремија. Атлетико пет пати се пласирал во следната рунда во еврокуповите по триумф со 2-0 во прв меч.
Јувентус, кој со големи амбиции ја почна сезонава во ЛШ, ќе мора да одигра фантастичен меч во Торино за да се спаси од елиминација што му се случи во претходните четири случаи кога беше поразен во првиот нокаут-натпревар.

„Роналдо спаси го Јувентус“ беше напишано на насловната страница на „Тутоспорт“, а во продолжението и констатацијата: „Без кураж и вистински персоналитети. Потребен е сосема друг Јувентус во реваншот на 12 март што ќе се обиде да го надмине дефицитот од два гола“. Весникот „Газета дело спорт“ за најслаб играч на Јувентус го прогласи Роналдо, истакнувајќи дека тој е доведен да блеска токму на вакви натпревари, а не да упати само еден, одличен слободен удар.

Англискиот првак Манчестер сити, иако играше со 10 фудбалери од 68. минута поради исклучувањето на Николас Отаменди, успеа негативата од 1-2 да ја претвори во победа со 3-2, што би требало да значи прогрес во следната, четвртфинална фаза.
Но покрај головите и возбудувањата, на двата меча имаше неколку контроверзни ситуации во кои беше инволвиран видеоасистент-судијата (ВАР), што во ЛШ почна да се користи токму од оваа нокаут-рунда. Во Мадрид, при резултат 0-0, прво беше досуден пенал за Атлетико по фаулот на Матиа Ди Скиљо над Диего Коста, но потоа, по интервенцијата на ВАР, тоа беше сменето само во слободен удар, од работ на шеснаесетникот. Потоа во вториот дел беше поништен голот што го постигна Алваро Мората поради прекршок над Џорџо Кјелини во 16-те метри на Јувентус, што, исто така, се утврдуваше со повторување на снимката.

Во Гелзенкирхен, двата пенала за домашниот тим што во голови ги претвори Набил Бенталеб беа досудени по консултацијата на главниот судија со своите помошници во собата за ВАР. Повторените снимки потврдија дека пеналите биле правилно досудени, но консултациите траеја предолго, а неволјата да биде поголема за судијата, но и за домаќините, па и за УЕФА, се расипа мониторот на стадионот и судијата не можеше да ја види снимката туку мораше да чека на инструкциите од помошниците во студиото.
Главната забелешка на сите набљудувачи, стручни и неутрални, е дека донесувањето на одлуките со помош на ВАР мора да се забрза и оти нема потреба да поминуваат повеќе минути за да се види дали, на пример, имало играње со рака.