Потешкиот дел е да се открие што и како да се менува. Укинувањето на ВАР не е одговорот. Решението е да се смисли поинаков систем за одлучување за тоа што е „јасно и очигледно“. Такво нешто постои во американската фудбалска НФЛ, со прегледување снимка по барање на тренерот, пишува „Јахуспорт“

ФУДБАЛ

Системот видеопомошник-судија (ВАР), во теорија, звучеше одлично. Но неколку години по дебито на видеосистемот за прегледување на спорните моменти на фудбалските натпревари, повеќе од јасно е дека ВАР не е добар. Најсвеж пример за тоа е возбудливото дерби Евертон – Ливерпул (2-2), кое ВАР го претвори во тема за дискусии. ВАР, како и многу други одлични идеи, донесе несакани последици. Прашањата не се само во врска со офсајдот или со играњето со рака, што се сѐ освен „јасни и очигледни“. Тоа е и двоумењето при секој постигнат гол. Нешто мора да се смени. Но потешкиот дел е да се открие што и како да се менува. Како и да е, на ВАР му е потребен ремонт, пишува фудбалскиот новинар на „Јахуспорт“, Хенри Бушнел.
Не е јасно дали Садио Мане навистина бил во офсајд при постигнувањето на третиот, поништен гол за Ливерпул. И покрај целата технологија што ја има ВАР, и понатаму човекот во студиото донесува многу субјективна и тешка одлука. Каде завршува раката на Мане, под ракавот, и каде почнува неговото рамо, што е ирелевантно за офсајдот? Едно од решенијата би било да се дозволи мало отстапување, така што би можело да има дозволени десетина сантиметри помеѓу напаѓачката и одбранбената линија за да се поништи погодокот.

Друг предлог е дека за офсајд треба да биде потребна јасна оддалеченост меѓу напаѓачот и последниот дефанзивец. Но кој ќе одлучува за таа оддалеченост? Без оглед каде ќе се повлече линијата, ќе има „милиметарски“ одлуки што ќе мора да се донесат. И тогаш ќе има расправии. Укинувањето на ВАР не е одговорот. Решението е да се смисли поинаков систем за одлучување за тоа што е „јасно и очигледно“. Такво нешто постои во американската фудбалска НФЛ. Таму се нарекува тренерски челенџ-систем (прегледување снимка по барање на тренерот). Им се одзема одговорноста на видеоасистентите и се остава за тоа да решаваат тимовите, вели Бушнел.
Еве, накратко, како би функционирал тој систем во фудбалот: Секој тренер би имал една можност да побара преглед на снимка и ако одлуката е во полза на неговиот тим, тој би добил втор и последен челенџ. Со ова се воведуваат максимум четири прегледи по меч и ги принудува тренерите да бидат претпазливи. Тренерот мора да побара проверка на ситуацијата во рок од 10 секунди од случката. Ако постои дилема дали тие може веднаш да ги видат „јасните и очигледни“ грешки во реално време, тогаш би можеле да комуницираат преку слушалки со асистент што го гледа мечот во живо, а и да му се даде можност и на капитенот да побара челенџ. Потоа, судијата и видеоасистент-судијата имаат 60 секунди да донесат одлука, ако тоа што го гледаат во тие 60 секунди ги убедува дека одлуката не е во ред, ја поништуваат. Во спротивно, останува првичната одлука.

Челенџ-системот не е перфектен, но не го забавува темпото на играта, не ги „убива“ клучните момент на натпреварите и ги коригира „јасните и очигледни“ грешки, сѐ додека тренерите одговорно ги користат можностите за проверка на спорните ситуации.