Покажан беше првиот жолт картон со помош на ВАР

На мечевите во групата Б, Португалија – Иран (1-1) и Шпанија – Мароко (2-2) имаше неколку контроверзни судиски одлуки со помош на ВАР, (пре)долго прегледување снимки и многу незадоволни

Видеоасистент-судијата (ВАР) е една од главните теми на расправа на досегашниот тек од Светското првенство (СП) во Русија. Дискусиите кулминираа по случувањата на двата меча од третото коло во групата Б, Португалија – Иран (1-1) и Шпанија – Мароко (2-2).
Контроверзиите на дуелот Португалија – Иран почнаа со досудениот пенал за Португалија што Кристијано Роналдо не успеа да го претвори во гол (Али Беиранванд му го одбрани ударот), за водство со 2-0. Потоа имаше уште два спорни случаи кога по (пре)долго прегледување на снимката Роналдо доби жолт картон за удирање противнички играч со лакот и кога Иранците бараа и добија пенал во судиското продолжение, во 93 минута.
– ВАР не функционираше најдобро. Имаше прекин, добро се гледа дека има удар со лакот, а според правилата тоа значи црвен картон. Одликите на судиите мора да бидат јасни за сите, има многу поплаки на ВАР. Ги прашавме во ФИФА за разјаснување, тие нѐ одбија. Само сакаме да знаеме кој суди на натпреварот, кој донесува одлуки. Имаме право да знаеме – изјави по мечот селекторот на Иран, Португалецот Карлос Кеирош.

Шпанија се провлече во нокаут-фазата со израмнувачкиот гол на Иаго Аспас во 91 минута, кој првично беше поништен. Но по негодувањето на шпанските фудбалери и со помош на ВАР се утврди дека немало офсајд и оти голот е регуларен.
Два меча во ист ден, прегледување снимки, долги прекини, пенали, офсајди и многу други работи повторно ја разгореа дискусијата за корисноста на ВАР, кој првпат се користи на едно големо натпреварување. Мислењата главно се позитивни (јасно кај оние што на крајот излегуваа како победници од натпреварите), но има и доста забелешки за критериумот на судиите што се однесуваат на понекогаш буквалното толкување на правилата на фудбалската игра. Тука, пред сѐ се мисли на досудувањето пенал кога одбранбениот играч игра со рака во својот казнен простор и во ситуација кога топката не е упатена кон голот или, пак, за различните аршини за (не)досудувањето пенали кога противничките напаѓачи со боречки зафати се спречуваат да постигнат гол.
Понекогаш судиите не го гледаат тоа или не сакаат да го видат ниту на повторена снимка. Спротивно на тоа, имаше многу повеќе случаи кога многу понаивни контакти во 16-те метри беа оквалификувани како пенал.
– Ако судијата смета дека тоа е намерно играње со рака, тогаш тој е луд. Правилото вели дека секое играње со рака во 16-те метри треба да се казнува со пенал, па тоа е вистинска глупост. Вакви одлуки се закануваат да ја претворат фудбалската игра во апсолутна фарса. Се лутам бидејќи тоа е смешна одлука, со многу мака се обидувам да останам смирен, да не пцујам – грмеше во студиото на Би-би-си славниот англиски напаѓач Алан Ширер, кој беше стручен коментатор на мечот Португалија – Иран.