Џејми Варди и Руд ван Нистелрој

Варди стана вториот играч во историјата на Премиер-лигата што постигнува барем еден гол на осум натпревари по ред, во две одвоени пригоди (претходно во сезоната 2015/2016, кога, погодуваше во рекордни 11 кола по ред), со што се израмни со Руд ван Нистелрој

Лестер ја декласира Астон вила на гости со 4-1 и ја забележа осмата победа по ред сезонава (клупски рекорд) во англиската фудбалска Премиер-лига, најмногу благодарение на Џејми Варди (32), стрелецот на два гола. Тој стана вториот играч во историјата на Премиер-лигата што постигнува барем еден гол на осум натпревари по ред (сезонава вкупно 16 на 16 меча), во две одвоени пригоди, првиот пат во ноември 2015-та (постигнуваше голови 11 кола по ред, што е рекорд). Претходно такво нешто му успеа на Руд ван Нистелрој во дресот на Манчестер јунајтед, во јануари 2002 и во август 2003 година.

Лестер сега е на втората позиција на табелата, со 38 бода, осум помалку од лидерот Ливерпул и шест повеќе од бранителот на титулата, третопласираниот Манчестер сити. „Лисиците“ не се сметаа(т) за фаворити за освојување на титулата, но слично беше и во сезоната 2015/2016, кога во обложувачниците шансите им беа 5.000-1, но ја освоија титулата. Како и да е, Лестер игра одлично сезонава, и останува да се види како ќе ги истурка двата дерби-меча, на гости против Манчестер сити, на 21 декември, и пет дена подоцна против Ливерпул дома.

– Одигравме неверојатно, ова беше историски ден за клубот, тоа навистина значи нешто посебно. Мислам дека никој не очекуваше дека ќе бидеме на врвот. Откако Манчестер јунајтед го победи во Манчестер сити се коментираше само колку Сити заостанува зад Ливерпул. Ние го почитуваме тоа, не ни останува друго освен да продолжиме напорно да работиме и да напредуваме како тим. Мислам дека дејствуваме како врвна екипа – изјави менаџерот на Лестер, Брендон Роџерс.