Холанѓанецот Вирџил ван Дајк (28), центархалфот на европскиот шампион Ливерпул, го доби признанието на Европската фудбалска унија (УЕФА) за најдобар играч на сезоната 2018/2019. Претходно Ван Дајк беше прогласен за играч на сезоната во Премиер-лигата, во која „црвените“ беа втори, со бод помалку од првакот Манчестер сити, а го освои и признанието за најдобар играч во финалето на Лигата на шампиони (ЛШ) против Тотенхем (2-0).

Ван Дајк, кој доби 305 гласа (Меси 207, а Роналдо 74), е првиот одбранбен фудбалер што го добива ова признание, кое се доделува од 2010/2011 г.
Во минатото само двајца одбранбени играчи добивале слични признанија, Италијанецот Фабио Канаваро, освојувач на титулата светски првак во 2006 година, и Германецот Матијас Замер, една деценија порано, кога во дресот на Борусија Дортмунд ја освои титулата првак на Европа. Очигледно времињата се менуваат и дефанзивците стануваат сѐ побитни и поценети.

– Реткост е ваква награда да добие одбранбен играч, што е многу важно за фудбалската игра во целина. Да, сите ние сакаме голови, да ги постигнуваме и да ги гледаме, но сѐ повеќе луѓето ги сакаат и ги почитуваат одбранбените фудбалери. Вирџил е феноменален, најдобар во светот, за неговите квалитети може да се напише книга – изјави менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп.
Во минатите осум години, признанието петпати го добиваа Лионел Меси (2011, 2015) и Кристијано Роналдо (2014, 2016, 2017), кои и годинава беа во најтесниот круг на кандидати. Покрај нив, признанието го добиваа Андрес Иниеста (2012), Франк Рибери (2013) и Лука Модриќ (2018).

Признанието за најдобар голман му припадна на Алисон Бекер (Ливерпул), за играч од средниот ред на Френки де Јонг (Ајакс/Јувентус), а за најдобар напаѓач на Меси.
Кај жените признанието за фудбалерка на сезоната го доби Англичанката Луси Бронз, која, како и Ван Дајк, е одбранбен играч, десен бек на европскиот првак Лион. Л.Д.