Џанлуиџи Буфон изјави дека неговиот клупски колега во ПСЖ, Марко Верати е „единствениот вистински талент“ на италијанскиот фудбал. Четириесет-годишниот голман пристигна во Париз во текот на летото по напуштањето на Јувентус.

– Марко е навистина неверојатен играч. Во овој момент тој е единствениот вистински талент на италијанскиот фудбал. Тоа е поради неговиот карактер, начинот на кој игра, пасовите, неговиот преглед врз играта. Нуди толку многу што понекогаш, ако игра со нормални играчи, тој има проблеми бидејќи не го разбираат. Понекогаш на големите фудбалери им е тешко да бидат разбрани од други. Во ПСЖ, Марко има среќа да игра заедно со одлични играчи кои веднаш разбираат каде ќе оди топката, каде ја сакаат, па неговите акции се искористени, изјави легендата за „Газета дело спорт“.

Буфон се повлече од националниот тим во ноември 2017 година, откако Италија не успеа да се квалификува за Светското првенство. Тој одигра уште еден меч под водство на привремениот тренер Луиџи Ди Бјаџо, пред Роберто Манчини да го преземе тимот.

Џиџи навести дека Манчини му понудил да продолжи да биде дел од националниот тим, но тој одбил.

– За репрезентацијата понекогаш давав повеќе од потребното. И понекогаш тоа не беше ценето. Среќен сум дома со моите деца, моето семејство, а националниот тим му одзеде многу од времето. Му го реков на селекторот токму тоа. Тој ме разбра и ја почитуваше мојата одлука, изјави Буфон. 

Буфон и Верати (десно)