На навивачите ќе им биде дозволено само да седат, билетите ќе се персонализираат за да може да се следат во случај на инфекција, алкохолот ќе биде забранет до октомври и ќе нема гостински навивачи до крајот на годината

Фудбалските клубови во германската Бундес-лига 1 и 2 се согласија со плановите, според кои, ќе се овозможи делумно враќање на навивачите на стадионите од средината на септември и покрај пандемијата на коронавирусот. Според плановите што ги предложи Германската фудбалска лига (ДФЛ) за новата сезона, која почнува на 18 септември, клубовите се договорија за четири клучни точки. На навивачите ќе им биде дозволено само да седат, билетите ќе се персонализираат за да може да се следат во случај на инфекција, алкохолот ќе биде забранет до октомври и ќе нема гостински навивачи до крајот на годината, објави Агенцијата Франс прес (АФП).
Овој план треба да го одобрат и германските власти на состанокот на министрите за здравство на 16-те покраини во земјата, в понеделник.

Во Германија постои стравување од можен втор бран на ковид-19, оти бројот на новоинфицирани повторно почна да се зголемува, а во последните неколку недели достигна нивоа што не беа забележани од мај.
– Приоритет во Германија во моментот не се полните стадиони, туку здравјето на луѓето. За тоа кога и на колку гледачи ќе им биде дозволено да се вратат на стадионите не одлучува ДФЛ – истакна Кристијан Сејферт, главен извршен директор на Бундес-лигата по виртуелната средба со клубовите.

Плановите на Лигата за враќање на навивачите на стадионите беа предмет на дебата меѓу политичарите и вирусолозите во Германија. Неколку навивачки групи, исто така ги критикуваа плановите, плашејќи се од долгорочни ограничувања на нивните права. Лигата инсистира дека какви било промени се привремени и оти пандемијата и понатаму е фактор.

Сејферт вели дека стапката на инфекции мора да се има предвид и во никој случај не смее да се потцени.
– Професионалниот фудбал може да се врати во нормалноста само во фази. Мораме да ја вратиме нормалноста со мали чекори. Не можеме да одиме од нула до 100 – додаде тој.

По двомесечниот прекин поради пандемијата на ковид-19, последните девет рунди од ланската сезона во Бундес-лигата се одиграа зад затворени врати. Во услови на строги хигиенски мерки, Германија беше првата земја што ја продолжи прекинатата сезона, со што им го отвори патот и на другите врвни европски лиги. Сепак, клубовите во Бундес-лигата губат милиони евра во деновите кога се играат натпреварите. Борусија Дортмунд, на пример, која беше втора, зад шампионот Баерн, планира присуство до 15.000 навивачи следната сезона на стадионот „Вестфален“, кој пред ковид-19 постојано беше полн со 81.000 гледачи на трибините.

Сејферт вели дека дури и бројка од 10.000 навивачи на стадионите ќе биде тешко да се оправда, бидејќи големите настани се забранети во Германија до 31 октомври. Л.Д.