ФУДБАЛ, ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Првиот осминафинален натпревар во Лигата на шампионите (ЛШ), Борусија Менхенгладбах – Манчестер сити, ќе се игра на стадионот „Ференс Пушкаш“ во Будимпешта, Унгарија, на 24 февруари, поради забраната за патувања во Германија од земјите погодени од новиот вид на ковид-19, вклучувајќи ја и Велика Британија, објави Европската фудбалска унија (УЕФА).
Лидерот во Премиер-лигата, Манчестер сити, ќе биде домаќин на реваншот на стадионот „Етихад“ на 16 март.
Претходно поради истите причини, во Будимпешта беше презакажан и мечот Лајпциг – Ливерпул, исто така во осминафиналето од ЛШ, на 16 февруари. Реваншот е во Ливерпул, на 10 март.
УЕФА потврди дека има промена на местото на одигрување на мечот Молде – Хофенхајм во рамките на шеснаесеттинафиналето во Лига Европа (ЛЕ). Тој меч е презакажан за стадионот „Керамика“ на Вилјареал, во Шпанија, на 18 февруари. Реваншот е на 25 февруари.