Чиле победи на претходните две првенства

В сабота во Сао Паоло почнува 46-то првенство на Јужна Америка, а титулата ја брани Чиле

По 30 години, Бразил одново (петти пат вкупно) ќе биде домаќин на фудбалското првенство на Јужна Америка, познато како Копа Америка. Во 1989 година шампионатот се играше во земјата на петкратниот светски првак и тогаш Бразил ја освои четвртата титула, до тој момент сите дома, како и уште четири пати потоа (на првенствата што се играа во Боливија, Парагвај, Перу и во Венецуела).

Од таа титула на Бразил на домашен терен, домаќини што славеле биле уште и Уругвај во 1995 година, Колумбија во 2001-та, и Чиле во 2015 година. Бразил петти пат ќе биде домаќин на Копа Америка.

Рекордер според бројот на титулите е Уругвај со 15 (седум на домашен терен), а потоа следуваат Аргентина со 14 (шест), Бразил со осум (четири), по две имаат Парагвај, Чиле (една) и Перу (една), а Колумбија и Боливија по една (двете дома). Вкупно 21 пат домаќинот на Копа Америка ја освојувал титулата.

Ова издание на првенството на Јужна Америка, 46-то едноподруго, почнува в сабота рано наутро според средноевропско време, со мечот Бразил – Боливија во Сао Паоло.
Мечевите ќе се играат во пет града, на шест стадиони, а финалето на најголемиот, „Маракана“ во Рио де Жанеиро, на 8 јули. Титулата ја брани Чиле, кој славеше на јубилејната Копа Америка (по повод 100-годишнината од првата), во 2016 година, во САД, но и на шампионатот една година пред тоа, на домашен терен (во двата случаја на пенали против Аргентина).