Некои фудбалски клубови го поминуваат летото не само со обновата на тимот туку и на целата организација, а англискиот Брадфорд Сити е еден таков пример, пишува британскиот весник „Гардијан“. Пред две години Брадфорд беше на еден меч од Премиер-лигата, а сега е во Втората лига. Новото раководство, предводено од менаџерот Гери Боуер, покажа цврста желба повторно да го поврзе клубот со своето минато на нов начин.

Дресовите ќе имаат поинаков изглед кога клубот ќе ја почне новата сезона. Со години над амблемот имаше една ѕвезда во чест на успехот на ФА-купот во 1911 година. Сега, под амблемот секој играч ќе има уникатен број на наследството на клубот. Џон Бекрам бил првиот фудбалер на клубот, а сега Џејкоб Батерфилд ќе го носи бројот 1.278. Помеѓу овие двајца уште 1.276 фудбалери настапиле за Брадфорд, пишува „Гардијан“.
– Овој проект е камен-темелник на нашата заложба да ја доведеме историјата на клубот во првите редови – вели Рајан Спаркс, директор на комуникации на Брадфорд, кој обезбедил одобрување од ЕФЛ за клубот да ги има броевите што се печатат на дресовите.

Слични броеви има на дресовите на голем број крикет и рагби-клубови, а Брадфорд е првиот англиски фудбалски клуб што го прави тоа.
– Некои прекрасни фудбалери играа за овој клуб и од витално значење е никогаш да не ги заборавиме. Ние сме пред голема реконструкција на овој фудбалски клуб, а дел од тоа е поврзувањето на сегашноста со минатото. Овие играчи треба да знаат што претставува овој клуб – вели Боуер за „Гардијан“.