Многу навивачи и партнери од регионот беа во контакт со нас, велејќи дека тие уште сакаат да се приближат до играчите, што е можно повеќе, особено во најтешките ситуации. Ова нѐ инспирира да ги зајакнеме нашите дигитални комуникации од Дортмунд до Азија, во тесна соработка со нашите канцеларии во Сингапур и во Шангај, изјави директорот на клубот, Карстен Крамер

ФУДБАЛ – КАКО АЛТЕРНАТИВА НА ОТКАЖАНАТА ВИСТИНСКА ТУРНЕЈА

Германскиот фудбалски вицешампион Борусија Дортмунд објави дека планира да го замени откажаното патување во Азија со виртуелна турнеја на онлајн настани во август. Клубот планираше да го однесе својот состав во Кина и во Југоисточна Азија на крајот на европската сезона, но патувањето е откажано поради пандемијата на коронавирусот.
Наместо тоа, Борусија, која има клупски канцеларии во Шангај и во Сингапур, има намера да им понуди на навивачите во Азија можност да се сретнат со играчите преку интернет, да гледаат тренинзи и тест-мечеви во живо, кои се одржуваат во Германија… Идната сезона во Бундес-лигата треба да почне кон средината на септември. Германскиот клуб сака да го искористи времето за да се подготви за следната сезона и да се поврзе на интернет со 30 навивачки клуба во Азија.

– Многу навивачи и партнери од регионот беа во контакт со нас, велејќи дека тие уште сакаат да се приближат до играчите, што е можно повеќе, особено во најтешките ситуации. Ова нѐ инспирира да ги зајакнеме нашите дигитални комуникации од Дортмунд до Азија, во тесна соработка со нашите канцелариски локации во Сингапур и во Шангај, како дел од нашите подготовки за идната сезона во Бундес-лигата – изјави директорот Карстен Крамер.
Бенедикт Шолц, шеф на меѓународната и нова деловна активност на Борусија Дортмунд, даде пример за тоа како е дизајнирана турнејата.

– Луѓето ќе можат да патуваат со туристичкиот автобус на клубот во Шангај, ќе се запознаат со персоналот во канцеларијата на клубот во Кина. Тие можат да ја следат тренинг-сесијата на тимот во Дортмунд во живо, а по завршувањето на тренинзите ќе можат да се сретнат со играчите за време на ексклузивните онлајн средби – рече тој.