Борусија, која му го нанесе најтешкиот пораз на Атлетико (4-0) под водство на Симеоне, постигнува барем четири гола на пет од последните шест меча, а Атлетико прима барем еден гол на четири средби по ред во ЛШ, првпат по 2013-та

Борусија Дортмунд убедливо го совлада Атлетико Мадрид (4-0) во 3-то коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ), победникот во Лига Европа (ЛЕ) во минатата сезона. Атлетико не беше на нивото на тимот што е познат по цврстата одбрана и по тоа што прима малку голови, за што сведочи и податокот дека ова е најтежок пораз во сите конкуренции за тренерот Диего Симеоне за седумте години, колку што е на оваа функција.

Благодарение најмногу на таквата гранитна одбрана и со голмани како што се Тибо Куртоа во минатото, а сега Јан Облак, „црвено-белите“ од Мадрид ја освоија титулата првак на Шпанија во 2014-та и ЛЕ двапати, во 2012-та и во 2017-та, и двапати играа во финалето на Лигата на шампионите (ЛШ), во 2014-та и во 2016-та. Уште позагрижувачки за Симеоне, кога станува збор за играта во одбраната, е податокот дека Атлетико прима гол и повеќе на четири натпревари во низа во ЛШ, првпат по 2013-та, кога примаше голови на седум меча по ред. Од друга страна, Борусија, на чија клупа е Швајцарецот Лусиен Фавр, постигнува четири и повеќе голови на пет од последните шест натпревари. Голем удел во успесите на Борусија есенва имаат и резервните играчи, кои постигнаа 16 гола на 12 натпревари во сите конкуренции.

Барселона, иако без повредениот Лионел Меси, без поголеми маки го совлада Интер (2-0), во чии редови најголема оцена доби голманот Самир Хандановиќ, што е најдобра илустрација за текот на мечот. Во отсуство на Меси шанса доби Рафиња, кој го постигна првиот гол, прв за него во ЛШ на досегашните 18 натпревари. Барселона забележа три победи на трите меча, како и во претходните три сезони, исто како Борусија и Јувентус, кои се единствените три од 32-та тима во групната фаза со максимален ефект сезонава. Локомотив Москва и АЕК се двата тима што се без бодови по трите кола.

ПСЖ беше пред пораз на мечот против Наполи на домашен терен (2-2), но во судиското продолжение, во 93-та минута, блесна Аргентинецот Анхел Ди Марија, кој го постигна израмнувачкиот гол. За него тоа беше шести гол на шесте натпревари на домашен терен во ЛШ. Со тоа ПСЖ ја продолжи серијата без пораз на 20 натпревари во ЛШ во натпреварите по групи. Наполи, пак, и понатаму е без победа на шесте гостувања во ЛШ (четири порази и две ремија), што е најлоша серија во клупската историја. 


Салах најбрзо стигна до 50 гола за Ливерпул

Египќанецот Мохамед Салах постигна два гола на мечот Ливерпул – Црвена звезда (4-0), вкупно 50 за него на 65-те одиграни натпревари во дресот на „црвените“ во сите конкуренции (дојде лани од Рома), побрзо од кој било друг играч во клупската историја. Претходно најбрзите 50 гола, но на 77 меча, ги има постигнато Алберт Стабинс, кој го носеше дресот на Ливерпул од 1946 до 1953 година. Ливерпул стигна до бројката од 48 гола во ЛШ од почетокот на ланската сезона, 10 повеќе од актуелниот шампион, Реал.


По 13 години, Англичанец стрелец за странски тим

Младиот англиски фудбалски интернационалец Џејдон Санчо (18), кој неодамна дебитира и во националниот дрес, го постигна третиот гол за Борусија Дортмунд во победата над Атлетико, со 4-0, во 3-то коло на фудбалската Лига на шампионите (ЛШ). Тој е првиот Англичанец што постигна гол за странска екипа во ЛШ, по Дејвид Бекам за Реал против Розенборг во 2005-та.