Германскиот фудбалски бундеслигаш Борусија Дортмунд е во минус од 44 милиони евра, поради појавата на пандемијата на коноравирусот, известуваат челниците на овој клуб.
– Заврши периодот од 10 години кога клубот работеше во плус. Финансиски отсекогаш сме биле позитивни и потоа се појави ковид-19 – посочува на причините за моменталното негативно работење, извршниот директор на клубот, Ханс Јоаким Вацке.
Како што е познато, германската Бундес-лига беше прекината во март годинава, за по два месеца да продолжи, но без публика. На крајот Борусија Дортмунд заврши на втората позиција со 69 бода, односно 13 бода помалку од шампионот Баерн Минхен.
– Повторно ќе се најдеме во проблеми поради празните трибини на првенствените мечеви. Мора да бидеме трпеливи, тешко е да се замисли фудбалот без навивачи на долги патеки, но мораме да издржиме – истакна Вацке.

Борусија Дортмунд има посетеност во просек по натпревар од околу 80.000 навивачи, но на последните пет натпревари од Бундес-лигата, нивниот стадион „Вестфален“ беше празен. Намалени се и приходите од спонзорствата, телевизиските права и трансферите, а сѐ како последица на појавата на пандемијата на коронавирусот, истакнуваат од клубот.
Сепак, позитивна страна се стабилните приходи од рекламите и новите спонзори. Договорите со „Пума“ и новите главни спонзори се подготвени да инвестираат во претстојната фудбалска натпреварувачка сезона – наведуваат челниците на Борусија Дортмунд.
А новата сезона во Бундес-лигата треба да започне на 18 септември, но без навивачи.