Нуров, кој според експертите беше вбројуван меѓу четворицата борачи за освојување на еден од медалите, беше елиминиран во четврт-финалето од Кубанецот Реинерис Салас Перез, со 4-6, и не доби можност во евентуален бараж да стигне до бронзениот медал

ЛОИ – ТОКИО

Натурализираниот македонски борач во слободен стил (категорија до 97 кг) со дагестанско потекло, Магомедгаџи Нуров, кој беше и последниот македонски олимпиец што настапи на Летните олимписките игри (ЛОИ) во Токио, не успеа да стигне до посакуваниот медал. Нуров, кој според експертите беше вбројуван меѓу четворицата борачи за освојување на еден од медалите, беше елиминиран во четврт-финалето од Кубанецот Реинерис Салас Перез. Иако Нуров важеше за фаворит, сепак Кубанецот славеше со 6-4, благодарение на одличната прва рунда кога освои четири поени. Нуров возврати во втората, кога израмни на 4-4, но, сепак, противникот до крајот доби уште два поена и славеше со вкупни 6-4. Нуров, кој беше првиот македонски спортист што успеа да обезбеди А-олимписка норма на ЛОИ во Токио, со освоениот бронзен медал на Светското првенство (СП) во 2019 година, во Нур Сулатан (Казахстан), во 1-то коло убедливо со 5-0 го совлада Тунижанецот Мохамед Садуи.
Македонецот остана и без можност да дојде до бронзениот медал преку евентуалниот репасаж, оти Кубанецот Перез не успеа да се пласира во финалето, односно убедливо беше поразен со 0-4 од Русинот Абдулрашид Садулаев, кој пред турнирот беше вбројуван како најсериозен кандидат за освојување на златниот медал.
Со настапот на Нуров заврши и настапот на осумте македонски спортисти на ЛОИ во Токио, а оттаму Македонија се враќа со еден сребрен медал, кој со извонреден настап го освои таеквондистот Дејан Георгиевски, што, пак, е и најдобро остварување на ЛОИ од осамостојувањето на Македонија. Претходно борачот Могамед Ибрагимов на ЛОИ во Сиднеј во 2000 година се закити со бронза.