Иван Савидис (лево) и Вангелис Маринакис

Богатството и влијанието не ги спречија Иван Савидис и Вангелис Маринакис да влезат во меѓусебна жестока фудбалска битка. Караницата помеѓу грчките олигарси навлезе и во политичката арена кога грчката влада неочекувано интервенираше во обид да го разреши несогласувањето меѓу нивните ривалски клубови – ПАОК и Олимпијакос, пишува „Фајненшл тајмс“. Савидис е познат како „човекот на Кремљ“ поради наводната поврзаност со рускиот претседател Владимир Путин, а Маринакис е бродски магнат и сопственик на медиумска империја.

Комисијата за професионален спорт на Грција предложи исфрлање на ПАОК во понизок ранг поради нерегуларности поврзани со сопствеништвото. Два дена подоцна, владата преку итен закон го спречи испаѓањето на ПАОК но му одзема бодови на клубот, што би можело да му ја донесе шампионската титула на ривалскиот Олимпијакос.

Премиерот Кирјакос Мицотакис изрази страв дека исфрлањето на ПАОК би имало разорни последици, според гласноговорник на владата. Тоа се должи на милитантната навивачка група на ПАОК која испрати предупредување до одреден грчки министер да „не се појавува без телохранители и полициска придружба“.

– Законското решение требаше да биде компромис бидејќи ПАОК би го избегнал исфрлањето во понизок ранг додека Олимпијакос би станал фаворит за освојување на првенството по неколкугодишна пауза – истакна советник во министерството за спорт.

Но, одлуката ја отсликува колебливоста на Мицотакис да им се спротистави на олигарсите и да преземе непопуларни мерки, седум месеци по неговото стапување на премиерската функција, сметаат грчките аналитичари.

Повод за „немирите“ претставуваше одлуката на Комисијата за професионален спорт за исфрлање во понизок ранг на актуелниот шампион ПАОК и на седмопласираниот Ксанти. Одлуката беше резултат на истрагата која покажала дека Савидис, кој го презема ПАОК во 2012 година, станал сопственик и на Ксанти во 2018 година (преку кипарска офшор компанија што ја контролира негов роднина), прекршувајќи го правилото според кое еден инвеститор не смее да поседува повеќе од еден клуб во грчката фудбалска Суперлига.

Савидис е поранешен пратеник во рускиот парламент и член на партијата Обединета Русија на Владимир Путин. Неговото богатство се проценува на 1,6 милијарди долари, според магазинот „Форбс“. Маринакис кој потекнува од бродосопственичко семејство од Крит го купи Олимпијакос во 2010 година. Тој создал една од најголемите глобални танкерски групации во 2018 година, во зделка вредна 1,65 милијарди долари. Маринакис е сопственик и на англискиот второлигаш Нотингем Форест, а неговата медиумска империја вклучува национален телевизиски канал, весници, радио-станица и интернет-портал.

Двајцата бизнисмени, преку сопствеништвото на клубовите стекнаа политичко влијание и општествен престиж, но беа вклучени и во скандали што го потресоа грчкиот фудбал. Савидис доби забрана од 12 месеци за следење на мечевите на ПАОК откако влезе на теренот со пиштол во футрола, за да протестира поради досуден пенал. Маринакис, пак, се соочи со обвиненија за местење мечеви, но беше ослободен од грчкиот врховен суд.