Лаутаро Мартинез (22) со два гола и аситенција беше клучниот фудбалер на Интер во вечерашната убедлива победа над Шахтер од 5-0, со која „нероаѕурите“ се пласираа во финалето на Лига Европа, додека уште е неизвесна неговата иднина во клубот од Милано. Талентираниот напаѓач ја затресе мрежата на украинскиот првак во 19-та минута и во 74-та минута, двапати погоди и Ромелу Лукаку во 77-та минута (по додавање од Мартинез) и во 84-та минута, а стрелец беше и Данило Д’Амброзио во 64-та минута.

Тоа беа први голови за Мартинез во тековното издание на Лига Европа, со кои стигна до 21 погодок во сите натпреварувања сезонава (има и седум асистенции на 35 настапи), во која прикажуваше извонредни партии пред прекинот поради пандемијата, за потоа да пружа послаби изданија.

Мартинез има одлична соработка со Ромелу Лукаку, со кого го сочинуваат ефикасниот напаѓачки тандем на Интер. Тие заедно постигнаа 54 гола сезонава (Интер последен пат имаше напаѓачки двоец со по барем 20 гола во една сезона, кога Адријано и Обафеми Мартинс забележаа таков учинок во 2004/2005). Белгиецот Лукаку со погодoците против Шахтер ја продожи успешната голгетерска низа во ЛЕ, запишувајќи се во листата на стрелците во 10 последователни средби.

Напаѓачот познат под прекарот „бик“ е трансфер цел на Барселона, и покрај тоа што Каталонците не успеаја да ја платат неговата откупна клаузула од 111 милиони евра, која важеше до минатиот месец.

Според италијанските медиуми преговорите помеѓу двата клуба за трансферот на Мартинез сега се во мирување, со што Интер одбива да разговара за потенцијалната зделка додека трае Лига Европа. Можеби токму трофејот во Лига Европа ќе го убеди Аргентинецот да остане во Интер, што е желба и на тренерот Антонио Конте. Според последните информации екипата од Милано планира да му понуди нов договор на Мартинез.

Интер ќе се соочи со Севилја во финалето на Лига Европа, в петок во Келн. Севилја вчера беше подобра од Манчестер јунајтед со 2-1 во првиот полуфинален дуел.