Реал ја совлада Валенсија со 3-0, а Карим Бензема кој даде два гола, стана петтиот најдобар стрелец во богатата клупска историја. Бензема (32) досега има постигнато 243 гола во сите натпреварувања за Реал, минувајќи го на голгетерската листа Ференц Пушкаш, кој има дадено 242 гола.
Најефикасен фудбалер на Реал на сите времиња е Кристијано Роналдо со 450 погодоци. Втор е Раул со 323, трет Алфредо ди Стефано со 303, четврти Сантилјана со 290 голови итн.

Бензема, кој дојде во Реал во 2009 година од Лион, на 38 меча сезонава веќе постигна 21 гол, и е четвртиот играч во историјата на Реал што постигнува 20 и повеќе голови во осум или повеќе сезони, со што им се приклучи на Роналдо, Ди Стефано и на Раул.
– Не замислував вакво нешто. Напорно тренирам долго време и се обидувам да се подобрувам. Пресреќен сум што играм за овој клуб, се надевам дека ќе продолжиме во истото темпо – изјави Бензема на клупската интернет-страница.