Фудбалерите на Белгија го елиминираа досегашниот бранител на трофејот Португалија, славејќи со 1-0 во вечерашниот дерби-дуел во Севилја за да се пласираат во четврт-финалето на Европското првенство.

Торган Азар беше стрелец на единствениот гол во 42-та минута од мечот кога биеше силно и прецизно од 20-тина метри.

Во последните минути од мечот Португалија неуспешно се обидуваше да дојде до изедначување, преку Кристијано Роналдо, Андре Силва и Бруно Фернадеш, додека Рафаел Гереро ја погоди стативата во завршницата.

Белгија во четврт-финалето ќе се сретне со Италија, која вчера беше подобра од Австрија 2-1.

Во првото денешно осминафинале Чешка ја совлада Холандија со 2-0, со головите на Томас Холеш и Патрик Шик во второто полувреме. Холанѓаните останаа со десетмина фудбалери на теренот по црвениот картон на Матијас де Лихт во 55-та минута, откако тој спречи изгледна противничка акција со намерно играње со рака. Чешка ќе се соочи со Данска во следната рунда.