Еден Азар на мечот со Македонија (лево) и на дуелот завчера со Франција Фото: Игор Бансколиев

Во полуфиналето на СП 2018 завчера настапија деветмина што играа и во 2013 година во Скопје, со Македонија, во квалификациите за СП 2014. Вкупно од 23-члениот состав на Белгија за СП 2018 во Скопје, тогаш играа или беа присутни во составот дури 14 фудбалери

Белгиската фудбалска репрезентација е запрена во полуфиналето на Светското првенство (СП) во Русија, со поразот од Франција со 0-1, завчера. „Златната генерација“ на фудбалска Белгија на овој планетарен шампионат заслужено се најде меѓу четирите најдобри селекции, прикажа одличен фудбал, ефикасен, со дисциплинирана, брза, тимска и компактна игра.
На моменти се добиваше впечаток дека можат да играат и не гледајќи се. И тоа не е случајно, бидејќи составот што играше во полуфиналето речиси не се менувал барем од пет до осум години. Тоа, стандарден состав, е еден од рецептите за успех на една екипа, кој Белгија го примени со оваа одлична генерација, од која играчите што го понесоа најголемиот товар досега на СП 2018 се на возраст од 25 до 32 години и со од 45 до 102 настапи за Белгија.

Во полуфиналниот меч со Франција, меѓу другите, настапија следните деветмина: Тибо Куртоа, Тоби Алдервирелд, Јан Фертонген, Аксел Витсел, Кевин Де Брујне, Муса Дембеле, Маруан Фелаини, Еден Азар и Насер Чадли. Тоа се истите деветмина фудбалери што играа за Белгија на 13 март 2013 година во Скопје, пред 15.947 гледачи, на мечот со Македонија, во квалификациите за Светското првенство во 2014 година во Бразил. Белгија тогаш победи со головите на Де Брујне во 26-та минута и на Азар во 62-та минута од пенал.
На мечот завчера играа и Венсан Компани и Ромелу Лукаку, кои на дуелот во Скопје останаа на клупата за резервни фудбалери, сега на СП не настапи Томас Фермален, но тој играше во Скопје. Доказ за тоа дека малку измени имало од тогаш досега е и податокот дека и тогаш во Скопје и во вторникот во Санкт Петербург резервен голман беше Симон Мињоле, а на клупата бил и напаѓачот Дрис Мертенс. Вкупно, од составот со 23 фудбалери на Белгија на СП 2018, во Скопје пред пет години играа или беа присутни во составот дури 14 фудбалери.

Тие квалификации (со гостувањето кај Велс, во септември 2012 година) ги почна тим во кој играа осуммина од составот од мечот со Франција, а Белгија циклусот за СП 2014 го заврши (одново со Велс) со 11 „мундијалци“. Уште подалеку, квалификациите за Европското првенство во 2012 година Белгија ги почна со меч со Германија во септември 2010 година со Алдервирелд, Компани, Фермален, Азар, Фертонген, Лукаку, Фелаини и со Дембеле во првиот тим, а со Витсел на клупата (вкупно деветмина), а ги заврши со дуел, одново со Германија, со десетмина од составот од мечот со Франција (седум во првиот состав, тројца на клупата).
Очигледно, барем пет, а веројатно осум години се крчкал овој успех на Белгија, која в сабота ќе игра за својот најголем успех во историјата на светските првенства – бронзен медал на СП 2018.