Белгија, која ја совлада Португалија со 1-0, го доби 14-от натпревар во низа, во квалификациите и на финалниот турнир на ЕП 2020, израмнувајќи го рекордот на Германија и на Италија. На второ ЕП по ред шампионот ги завршува натпреварите во осминафиналето, по Шпанија во 2016 година

Белгија со голот на Торган Азар во 42-та минута го елиминира бранителот на титулата, Португалија, и се пласира во четврт-финалето на Европското првенство (ЕП) 2020, во кое ќе се сретне со Италија, в петок, во Минхен, Германија. На второ ЕП во низа шампионот ги завршува натпреварите во осминафиналето, по Шпанија во 2016 година.
– На вакви натпревари треба да ги искористите своите шанси. И, ете, се случи! Голманот изгледа очекуваше да шутирам во другиот агол, за моја среќа топката заврши во неговата мрежа. Среќен сум што постигнав гол за својата земја – изјави помладиот од браќата Азар, Торган, за кого ова беше четврти гол на последните седум меча за Белгија во 2021 година.
Белгија ја забележа првата победа против Португалија по септември 1989 година (3-0, во квалификациите за СП) и ја прекина серијата од пет средби без победа (две ремија и три порази).

Белгија го доби 14-от натпревар во низа, во квалификациите и на финалниот турнир на ЕП 2020, израмнувајќи го рекордот на Германија и на Италија. Белгијците, кои забележаа 23 победи на последните 27 меча, постигнуваа гол на 34 натпревари во низа и на шестте последователни нокаут-натпревари на ЕП.
Почетниот состав на Белгија беше на просечна возраст од 30 години и 148 дена, најстара постава на натпревар во историјата на ЕП. Португалецот Пепе, пак, на 38 години и 121 ден, стана најстариот играч што започнал нокаут-натпревар на финален турнир на ЕП.
Кристијано Роналдо (36) не успеа да се запише во книгата на рекорди и запре на бројката од 109 гола за Португалија, колку што има дадено и Иранецот Али Даеи. Тој рекорд ќе остане несоборен барем до септември и до квалификациските натпревари за СП 2022-та.
Пред мечот со Италија, проблем за Белгијците и за нивниот селектор Роберто Мартинез може да бидат повредите на клучните играчи, Кевин де Брујне и Еден Азар, кои мораа предвреме да излезат од игра.