Веќе гледам кон следните трофеи. Тоа е мојот менталитет и размислувањето на целиот тим, изјави Левандовски за интернет-страницата на ФИФА

ФУДБАЛ – РОБЕРТ ЛЕВАНДОВСКИ

Роберт Левандовски неделата во која ја доби наградата „најдобар“, во изборот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) на најдобрите фудбалери за 2020 година, ја заокружи со два гола (вкупно 17 досега сезонава), во победата на Баерн на гости кај Баер, со 2-1, за преземање на првото место во Бундес-лигата сезонава. Тој минатата сезона со Баерн освои многу трофеи, како, на пример, во Лигата на шампионите, Бундес-лигата и во Купот на Германија, и во сите три натпреварувања беше најдобар стрелец.
– Без оглед на тоа колку титули сум освоил, тоа никогаш нема да биде доволно. Веќе гледам кон следните трофеи. Тоа е мојот менталитет и размислувањето на целиот тим – изјави Левандовски за интернет-страницата на ФИФА.

Левандовски минатата недела првпат го доби признанието „најдобар“ во изборот организиран од ФИФА.
– Оваа награда значи дека целата напорна работа се исплатеше. Не би го постигнал ова без тимот, тие се оние што ми создаваат шанси. Но јас сум навистина среќен. Сите сме горди затоа што ова е награда што му дава признание на целиот тим. Да се освои награда по толку години како играч на Баерн е навистина нешто посебно. Се надевам дека ќе можеме да создадеме една ера во фудбалот. Имаме добри млади играчи и подготвени сме да се соочиме со големите предизвици и да освоиме повеќе титули. Тимот функционира добро и оди во вистинската насока. Освојувањето титула еднаш е тешко, освојувањето двапати е уште потешко. Се надевам дека ќе можеме да славиме со нашите навивачи наредната година. Да се остане на врвот е тешко, но тоа е она што сакаме да го направиме. Би сакал да им се заблагодарам на сите во стручниот штаб и на сите мои соиграчи. Никогаш нема да можев да го направам ова без нив. Тешко е да се најдат вистинските зборови. Многу сум горд – вели Левандовски, пренесува ФИФА.


За една година освои 11 трофеи

Со наградата „најдобар“ во изборот на ФИФА за најдобри фудбалери во 2020 година, Роберт Левандовски ја заокружи фудбалски успешната година за него со вкупно 11 трофеи, пишува „Кикер“. Така, тој ги освои и пехарите за Лигата на шампионите, за првак на Германија, победник на Купот на Германија, Суперкупот на УЕФА, Суперкупот на Германија, фудбалер на годината во изборот на УЕФА, за фудбалер на годината во Германија, како и трите за најдобар стрелец, во Лигата на шампионите, во Бундес-лигата и во Купот на Германија.