Англија ја додаде Турција на т.н. црвена листа за патувања во странство

ФУДБАЛ

Навивачите на Челси и Манчестер сити не треба да патуваат за Истанбул, на финалето во Лигата на шампионите (ЛШ), на 29 мај, соопшти Владата на Велика Британија, откако Англија ја додаде Турција на т.н. црвена листа за патувања во странство, пишува британски „Би-би-си“.
Секретарот за транспорт Грант Шапс рече дека земјите на „црвената листа“ за ковид-19 „не треба да се посетуваат освен во најекстремни околности“, додавајќи оти Владата е за опцијата мечот да се игра во Велика Британија. Шапс вели дека Фудбалската асоцијација (ФА) разговара со УЕФА за промена на местото за играње на финалето, но истакнува дека за тоа „конечната одлука е на УЕФА“. Како алтернативни стадиони се спомнуваат „Вембли“ и „Вила парк“ на Астон вила во Бирмингам. На „Вембли“ на 29 мај треба да се игра финалниот плејоф-меч во Чемпионшип, кој решава за тоа која екипа ќе се пласира во Премиер-лигата. Во следните два дена на тој стадион треба да се играат уште две такви финалиња, во Лига 1 и во Лига 2, но има најави дека ФА е подготвена да најде нови термини или нови стадиони за тие мечеви.
Европската фудбалска унија (УЕФА) се надева дека на двата клуба ќе им даде минимум по 4.000 билети за натпреварот што треба да се игра на олимпискиот стадион „Ататурк“. Според „Би-би-си“, Владата ќе разгледуваа решенија за какви било околности што ќе се појават во деновите околу финалето, вклучувајќи и исклучоци за патувања за играчите и за службените лица во клубовите. Граѓаните на Велика Британија што се враќаат од земјите на „црвената листа“ треба да бидат 10 дена во карантин, во хотел одобрен од Владата.