Фото: Маја Јаневска-Илиева

Главна причина за ваквата пасивност на фудбалскиот пазар, кога станува збор за големите трансфери, е пандемијата на ковид-19, која ги затвори вратите на стадионите низ Европа лани и генерира големи загуби кај повеќе клубови

ЛЕТЕН ПРЕОДЕН РОК

Летниот фудбалски преоден рок во Европа, кој почна на 9 јуни и ќе трае до 31 август, е во полн ек, но досега немаше некои големи трансфери, ако се изземат зделките на Манчестер јунајтед со Џејдон Санчо, за кого на Борусија Дортмунд треба да ѝ плати 83,5 милиони евра, на ПСЖ со Интер за Акраф Хакими вредна 70 милиони евра, па и онаа на Арсенал, кој го ангажира Бен Вајт, центархалфот на Брајтон, за 58 милиони евра. Главна причина за ваквата пасивност на фудбалскиот пазар, кога станува збор за големите трансфери, е пандемијата на ковид-19, која ги затвори вратите на стадионите низ Европа лани и генерира големи загуби кај повеќе клубови.
Во такви услови, повеќето трансфери беа со слободни играчи, на кои им истекуваа договорите со матичните клубови. На врвот на таа листа е голманот на италијанската репрезентација, Џанлуиџи Донарума (23), кој беше прогласен за најдобар играч на Европското првенство (ЕП) 2020. Тој од Милан се пресели во француски Пари сен Жермен, откако му истече договорот со италијанскиот тим. ПСЖ склучи идентични зделки со Серхио Рамос (35) од Реал Мадрид и со Џорџинио Вајналдум од Ливерпул (30). Во Милан, пак, замина Оливие Жиру од Челси. Милан го ангажира и младиот, 21-годишен Сандро Тонали од Бреша, кого го нарекуваат Новиот Пирло, за 15 милиони евра.

Барселона ги „средува деталите“ за новиот петгодишен договор со првата ѕвезда, Лионел Меси (34), поради што сите други трансфер-активности се сведени на минимум. Како слободни играчи беа ангажирани Серхио Агуеро, Мемфис Депај и Ерик Гарсија. Можно е заминување на Фелипе Кутињо, а се шпекулира и за заминување на Антоан Гризман, но со евентуална трампа или на заем. Актуелниот шпански првак, Атлетико, се засили со играчот од средниот ред на Удинезе, Аргентинецот Родриго де Пол (27), за 35 милиони евра.
Реал Мадрид е невообичаено тивок на трансфер-пазарот (го ангажира само Давид Алаба како слободен играч), како и Баерн, кој на 1 јули го официјализира трансферот договорен зимоска на центархалфот на Лајпциг, Дајот Упамекамо, за 42,5 милиони евра. Ливерпул го ангажира францускиот интернационалец Ибрахим Конате, исто така центархалф на Лајпциг, за 41,5 милион евра.

Манчестер сити и Челси засега мируваат, иако има најави за некакви активности и можни трансфери на Габриел Жезус, Рахим Стерлинг, Тимо Вернер и Тами Абрахам. Можно е Еринг Холанд, за кого има многу интересенти, да остане уште една сезона во Борусија Дортмунд, која е децидна дека тој летово не е на продажба. Се спомнува дека актуелниот европски првак е заинтересиран и за првиот европски стрелец Роберт Левандовски.
Во Англија, во фокусот на вниманието се можните трансфери на Хари Кејн од Тотенхем и на Џек Грилиш од Астон вила. Но иако секојдневно се шпекулира дека Манчестер сити, па и Јунајтед се сериозно заинтересирани, поради најавите за високите обесштетувања, 150, односно 100 милиони фунти, лесно може да се случи ништо да не биде од тие трансфери.