Дембеле, Кутињо и Гризман

Кутињо, Гризман, Дембеле, Ракитиќ се некои од играчите што Барса сака да ги продаде во летниот преоден рок

Каталонскиот гигант Барселона моментално има многу фудбалери што се на крајот од кариерата, како и играчи што се склони на повреди, а добиваат огромни плати. Барселона сака да се ослободи од нив во летниот преоден рок, но главниот проблем е тоа што за нив има малку заинтересирани клубови. Не е тајна дека Барселона има финансиски проблеми и оти за да го освежи и да го засили тимот ќе мора да продава играчи, кои не ги исполнија очекувањата.
Барселона очајно се обидува да присобере што е можно повеќе пари за летниот преоден рок, поради што размислува за трансфери на сите играчи, со исклучок на Лионел Меси, Френки де Јонг и на Марк-Андре Тер Штеген. Тоа значи дека на продажба се (пре)скапите засилувања како Осман Дембеле, Филипе Кутињо и Антоан Гризман, кои чинеа околу 400 милиони евра!

Постои загриженост околу тоа дали за Гризман, кој најдобро функционира во формација со двајца истурени напаѓачи, има место во тимот, во системот 4-3-3 на тренерот Кике Сетиен. Барселона би прифатила понуда за Гризман во износ од 100 до 120 милиони евра колку што тие му платија на Атлетико.
Што се однесува до Дембеле (23), никој не негира дека тој сè уште е играч со огромен потенцијал, но постојано е повреден, што значи дека Барселона би го продала за да ја намали колку-толку загубата од 120 милиони евра колку што ѝ ги плати на Борусија Дортмунд во 2017 година. Барселона допрва очекува добра понуди за Дембеле, што реално е тешко остварливо со оглед на тоа дека и неговата (не)дисциплина исто така е проблематична. Самјуел Умтити, сонародникот на Дембеле, поради проблемите со повредите исто така е во слична ситуација.

Но главна цел на Барса летово е да најде купувач за Кутињо. Бразилскиот плејмејкер е на заем во Баерн, кој не е заинтересиран за неговите услуги по завршувањето на сезоната. Затоа, Барселона сега се сврти кон Премиер-лигата каде што бара клуб за поранешната ѕвезда на Ливерпул, но дури и најдобрите клубови во Англија го чувствуваат финансискиот товар предизвикан од пандемијата на коронавирусот. Епилог на тоа е што Барселона допрва треба да добие понуда за играч кого се подготвени да го продадат за половина од дадените 160 милиони евра.

Барселона посакува да се ослободи од Артуро Видал и од Иван Ракитиќ, со оглед на тоа дека имаат над 30 години и договори вредни девет, односно шест милиони евра годишно. Данецот Мартин Брајтвајт, кој дојде во февруари од Леганес и во јуни полни 29 години, исто така е за продажба. Но за Барса ќе биде проблем да најде купувач за него, најмногу поради бараната сума од 18 милиони евра.