Барселона има план да ги врати навивачие на „Ноу Камп“ веќе на 30 јуни, тврди весникот „Мундо депортиво“, а за тоа наводно добила поддршка и од претседателот на Ла лига, Хавиер Тебас.

Мечевите во најсилните национални првенства (Шпанија, Англија, Италија и Германија) се оддржуваат без публика поради ширењето на коронавирусот, но Барса планира да ги убеди властите да дозволат навивачи на дербито со Атлетико Мадрид на 30 јуни.

Шпанскиот претседател Педро Санчез вчера потврди дека општеството полека се враќа во „новата нормала“ со отварање на рестораните, иако треба да се придржуваат до мерките – луѓето мораат да стојат на 1,5 метри еден од друг.

Барселона се надева дека ќе ја убеди Ла лига да дозволи една третина од 90-те илјади седишта на „Ноу Камп“ да бидат пополнети, а логистиката за ова ќе биде доста компликувана – навивачите ќе добиваат точен термин за влез и излез од стадионот преку мобилните телефони. Со ова ќе се реши уште еден проблем на клубот – недостатокот на приходи од мечевите кои ги играат.