Барселона потврди дека нема да потпишe нов договор со Лионел Меси по сериозните проблеми на денешниот состанок, во објава која ќе го потресе фудбалскиот пазар и ќе предизвика огромно влијание на плановите на врвните европски клубови.

Преговорите меѓу двете страни не само што наидоа на проблеми, туку целосно пропаднаа без можност за решение. Откако шпанските медиуми објавија за овој „распад“, Барселона и формално потврди дека нема да потпише нов договор со Аргентинецот.

Меси беше слободен играч по истекот на договорот на 30 јуни, но досега вестите од Каталонија велеа дека се согласил на договор со 50 отсто помала плата и дека се чека Барса да ги среди финансиите за тој да биде официјализиран. Барселона вели дека тоа е невозможно.

– Поради регулативите на шпанскат Примера не може да се формализира договорот, што значи дека Лионел Меси нема да продолжи со Барселона. Двете страни изразуваат длабоко жалење дека не можат да се исполнат желбите на клубот и фудбалерот – се вели во објавата на Барселона.

Сега, неизбежно Манчестер сити и Пари Сен Жермен повторно влегуваат во игра за потписот на Меси.

Ова е крај на ерата на 34-годишниот Меси во Барселона, откако тој се пресели во Шпанија да влезе во нивната академија на 13 години во 2000. Тој си заминува од Барселона по 778 меча во сите натпреварувања на кои постигна 672 голови и забележа 305 асистенции.