Претседателот на клубот Бертомеу и неговите директори само за платата на Меси годишно даваат над 70 милиона евра, додека за првиот тим на Барселона 280 милиони евра

Фудбалскиот клуб Барселона заработи рекордни 222 милиони евра од продажбата на Бразилецот Нејмар на француски ПСЖ во јули 2017 година. Две години и три месеци подоцна, славниот каталонски клуб е во уште поголеми долгови кон банките и доверителите во однос на периодот додека публиката на „Ноу камп“ заедно ги гледаше Нејмар, Луис Суарез и најдобро платениот фудбалер Лионел Меси.
Шпанскиот печат деновиве се занимаваше со финансиското работење на шампионот Барселона и откри дека, меѓу другото, клубот и понатаму должи 93,5 милиони евра во една меѓународна банка за кредит, кој е подигнат во јануари 2018 година за трансферот на Фелипе Кутињо од Ливерпул.

Шест месеци откако се обидоа позицијата на Нејмар панично да ја пополнат со носењето на Усман Дембеле од Борусија Дортмунд за 125 милиони евра, Каталонците следната зима му платија на Ливерпул уште 145 милиони евра за Бразилецот, така што направија минус од 142 милиони евра во иста календарска година. Како што е познато, Кутињо во меѓувреме е проследен на заем во Баерн Минхен, додека Дембеле се мачи да избори статус на стандарден првотимец.

Барселона ја заврши 2018 година на позитивна нула, благодарение на продажбата на Паулињо, Мине, Делофе, Видал, Марлон и уште неколку фудбалери, но летово повторно се расфрли и потроши 255 милиони евра на купување нови засилувања. Од нив, само Атлетико Мадрид заработи 120 за договорот со Антоан Гризман. Ајакс од Френки де Јонг 75, Валенсија 26 од голманот Нето, Жуниор Фирпо е платен на Бетис за 18, додека за Емерсон од Атлетико Минеиро се дадени уште 12 милиони евра, па клубот, и покрај енормните приходи од спонзори, ТВ-права, влезници, дресови, сувенири и слично, повторно е во минус.

Барселона, како што пишуваат шпанските медиуми, наводно само на банките им должи 257,5 милиони евра, а причината е во нерационално потрошените пари, но и астрономскиот нов договор на Меси потпишан до 2021 година. Клубот годишно издвојува 70,75 милиони евра само за платата на Меси, а кога ќе се плати данокот, на „златната 10-ка“ приближно му остануваат уште 50 милиони евра. Вкупно, пак, годишната плата на првиот тим на Барселона изнесува 280 милиони евра.


Годишна бруто-плата на Барселона
ИМЕ ГОД. МЛН. ЕВРА
Лионел Меси (32) 70,75
Антоан Гризман (28) 45,83
Луис Суарез (32) 23,40
Френки де Јонг (22) 20,83
Серхио Бускетс (31) 14,94
Иван Ракитиќ (31) 13,35
Жерар Пике (32) 12,74
Усман Дембеле (22) 12,00
Самуел Умтити (25) 12,00
Серџи Роберто (27) 09,96