Европскиот првак ќе игра за шестиот трофеј во една сезона, нешто што досега ѝ успеало само на Барселона. Баерн досега, покрај титулата европски првак, славеше во првенството, Купот и во Суперкупот на Германија, како и во Суперкупот на УЕФА

ФУДБАЛ – КЛУПСКО СП ВО КАТАР

Со ждрепката во Цирих беше одлучено 18-то клупско Светско првенство (СП) во фудбал во Катар (од 4 до 11 февруари) да го отворат мексикански Тигрес, првак на Северна Америка, и јапонски Улсан, првак на Азија, на 4 февруари. Во вториот натпревар истиот ден ќе се сретнат претставникот на домаќинот Катар, Ал Духаил, и првакот на Африка, Ал Ахли од Египет.
Подобриот тим од дуелот Тигрес – Улсан во полуфиналето ќе игра против шампионот на Јужна Америка, еден од двата бразилски тима, Палмеирас или Сантос (финалето треба да се игра на 30 јануари во Рио де Жанеиро) на 7 февруари, а победникот од мечот Ал Духаил – Ал Ахли ќе ги одмери силите со европскиот првак, Баерн, на 8 февруари. Новиот светски клупски првак ќе биде познат по финалниот меч на 11 февруари.
Баерн ќе игра за шестиот трофеј во една сезона, нешто што досега ѝ успеало само на Барселона, пред 12 години, пишува ФИФА на својата интернет-страница. Баерн досега, покрај титулата европски првак, славеше во првенството, Купот и во Суперкупот на Германија, како и во Суперкупот на Европската фудбалска унија.

– Тоа веројатно би било шлаг на тортата, но очигледно ќе биде предизвик. Секој со кого разговарав рече дека тоа е прекрасно натпреварување, затоа со нетрпение го очекуваме целиот настан и се надеваме дека можеме да имаме успешен турнир – вели за ФИФА, Ханси Флик, тренерот на Баерн.
Натпреварите ќе се играат во градот Ал Рајан, на два стадиона, на кои треба да се играат и мечеви на Светското првенство за репрезентации во 2022 година. На завршниот турнир на прваците од шесте конфедерации на ФИФА требаше да настапи и првакот на Океанија, Окланд од Нов Зеланд, но се откажа во последен момент поради безбедносните протоколи за патување надвор од земјата. 


КЛУПСКО СПЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

1. Тигрес – Улсан 4 февруари
2. Ал Духаил – Ал Ахли 4 февруари

ПОЛУФИНАЛЕ
Победник 1 – Палмеирас/Сантос 7 февруари
Победник 2 – Баерн 8 февруари

ФИНАЛЕ
11 февруари